„ЕДНОМОТОРНА 57-КА“: Зошто Русите започнаа развој на нов тактички ловечки авион?

Снимка од екран
Лесен, подвижен и, што е најважно, евтин – руската воздухопловна компанија „Сухој“ започна развој на едномоторен тактички повеќенаменски ловец од петтата генерација. Ваквите авиони денес широко се употребуваат во светот. Домашната и светската јавност е навикната на двомоторни борбени авиони што ги „исфрла“ руската воена индустрија. Кои се предностите и маните на едните и на другите, прочитајте во следниот текст.

Извесно е дека во конструкцијата на перспективното борбено летало ќе се користат технички решенија кои се веќе развиени и имплементирани на ловците од петтата генерација Су-57. Ова пред сè се однесува на материјалите кои го апсорбираат радарскиот сигнал, блок радиоелектронска опрема и комплекс на вооружување, пишува порталот Борбени Ефективи.

Превидено е на опитно-експерименталниот модел на перспективното едномоторно летало да се вгради мотор Ал-31ФН од третата и од четвртата серија кој веќе се покажа во експлоатацијата на странските ловци (како што е на пример кинескиот Chengdu J-10). Во понатамошната перспектива овој ловец најверојатно ќе добие и верзија на целосно нов мотор кој се реализира во рамките на проектот „изделие 30“.

Су-57 МАКС-2019

Кога станува збор за полетната маса руските конструктори сметаат дека таа не би требала да биде поголема од 18 тони. Во споредба со повеќенаменскиот ловец Су-57 ова е дури за 7 тони помалку (57-ката е тешка 25 тони). Показателот на односот помеѓу масата на леталото и потисокот на моторот мора да биде на ниви 1.0. Заедно со овој мошне важен показател, новото летало, како и во случајот со двомоторниот претходник ќе биде „стелтно“ (невидливо за непријателските радари).

Максималната брзина на перспективното едномоторно борбено летало од петтата генерација ќе надминува 2.200 километри на час. Променливиот вектор на потисок ќе овозможи употреба на мошне кратки полетно-слетни патеки. Под трупот на леталото, како и кај сличните едномоторни борбени авиони кои се наоѓаат во оперативна употреба во светот, ќе биде поставен голем всмукувач на воздух.

Според воениот експерт Алексеј Леонков, денес концепцијата на едномоторните авиони е светски тренд каде Русија поседува уникатни искуства кога станува збор за нивната конструкција и употреба. Руските инженери во меѓувреме направија големи придвижување кога станува збор за погонските системи. На пример, компанијата „Климов“ го разви и го произведе својот млазен мотор РД-33. Неговата модификација МД-93 Кинезите ја употребија за опремување на ловецот-бомбардер Chengdu FC Xiaolong. Уште една извозна модификација на овој мотор ја носи ознаката СМР-95 и таа е адаптирана за потребите на Јужноафриканската Република и на нејзините летала Super Mirage F-1 и Super Cheetah D-2.

Постои верзија на моторот РД-33 и со променлив векторски потисок. Овој погонски систем е тестиран на специјалната модификацијата на сигурниот повеќенаменски ловечки авион од 4 генерација МиГ-29 (верзија ОВТ). Токму на ова летало руските инженери и специјалисти за изработка на авионски мотори први во светот го тестираа овој систем, додека ниту една држава (која згора на тоа е и воздухопловна сила) не успеа да го произведе и да го примени во практика.

Предности и недостатоци

Најголемата предност кога станува збор за едномоторно борбено летало е секако неговата производна цена. Ваквата концепција на повеќенаменски борбени авиони кои спаѓаат во категоријата на лесни ловци е значително поевтина за производство во однос на тешките борбени летала.

Повеќе од 50% од вкупната цена на леталото отпаѓа на авионскиот мотор и системот за снабдување со гориво“, смета рускиот воен експерт Леонков. „Многу држави сакаат во своите воени воздухопловства да имаат колку што е можно поевтина воздухопловна техника, а за таквите барања најпогодна опција е набавка на едномоторни борбени летала“, истакнува рускиот експерт.

Кога станува збор за борбените квалитети, во поглед на авиониката, радарските системи и маневрабилноста, едномоторните авиони не се помалку инфериорни од леталата од потешката категорија, кои поседуваат два мотори. Разликата во огнената моќ (се однесува на носивоста на борбените средства) не е поголема од 20 отсто.

Сосема друго прашање е можноста за преживување на едномоторните летала во однос на двомоторните. Авионите со два мотори имаат можност да дојдат до аеродромот, дури и ако еден од нив откаже. Кога станува збор за едномоторните авиони секое откажување на погонот претставува авиокатастрофа, односно сигурно губење на леталото.

Американските пилоти немаат страв да летаат на Ф-35 зашто се убедени дека овој авион е „невидлив“, истакнува стручњакот. „Заканата за ова летало постои само во земјите кои имаат напредни системи за ПВО кои имаат способност да го видат. А, ова го поседуваат само неколку држави: Русија и оние на кои им ги имаме испорачано нашите системи С-400 „Триумф“ – Кина, Индија и Турција. Кога станува збор за војските на другите земји и нивните ПВО Ф-35 нема од што да се плаши.

F-35 Lightning II

Заслужениот воен пилот на Русија Владимит Попов е исто така уверен дека изборот на едномоторната шема е поврзан со прагматичните причини од економска природа.

Во интензивните борбени дејствија, каде освен ловечкиот капацитет на непријателот масовно се употребуваат и системите за ПВО, просечен ловечки авион изведува пет, максимално десет борбени полетувања. Потоа леталото или оди на ремонт поради оштетувањата што настанале во борбата, или е соборено. Загубата на скапоцени борбени авиони од тешка категорија е едноставно премногу скапа работа“, истакнува рускиот генерал.

Според него, секоја сериозна воена сила треба да поседува технологии за создавање евтини едномоторни авиони, за во случај на надворешни закани брзо да го воспостави неговото масовно производство.

Советски искуства

Конфигурацијата со еден мотор е прилично популарна во светот – тоа се американските Ф-16 и Ф-35, шведскиот ЈАС 39 Грипен, како и кинескиот Ј=10. Меѓутоа највпечатлив пример за ефикасната употреба на леталото во ваквата конфигурација е советскиот ловечки авион МиГ-21, најмасовен и веројатно најексплоатиран надзвучен ловец кој има учествувано во речиси сите поголеми воени судири од втората половина на 20 век.

Ова летало е развиено во педесеттите години од минатиот век. Тогаш на советското воено воздухопловство му било потребно лесно, брзо летало способно да пресретне бомбардери, и истовремено да влезе во воздушен дуел со непријателските ловци. „21-цата“ тешка осум тони, била наменета за борбени дејствија во воздушниот простор над првата линија на фронтот, и на релативно мали далечини од матичниот аеродром. Неговото вооружување било составено од водечки и неводечки ракети кои се ставале на четири точки, вклучувајќи и 1х воздухопловен топ со калибар од 23 милиметри.

Овој авион своето прво огнено крштевање го имал во Виетнам. Таму главниот противник му бил американскиот ловец Ф-4 Фантом. Тој според своите габарити (20 тони) и двомоторниот погон го надмина советскиот авион кога станува збор за акцискиот радиус и за количеството на борбено оружје што можеше да го носи. Меѓутоа, во текот на Виетнамската војна во воздушните борби со агилната и подвижна „дваесет единица“ ВВ на САД изгуби повеќе од стотина „Фантоми“. Миговите масовно ги користеа своите предности како што се брзината и степенот на управливост во воздухот. Според советските податоци, во воздушните битки со американските ловци во Виетнам изгубени се околу 60 летала МиГ-21.

Во 1967 година, во Шестдневната војна помеѓу арапската коалиција и Израел, МиГ-овите се сретнаа со „Миражите“ (летало од француско производство). Египетските пилоти успеаја да уништат десетина непријателски летала, а изгубија 19 машини. Израел во текот на овој судир оствари апсолутна превласт во воздухот зашто речиси целата флота на египетското воздухопловство беше уништена на земја, каде само неколку ескадрили беа подготвени да влезат во борба. Покрај тоа, нивото на обуката на арапските пилоти кога станува збор за тактичката употреба на овие летала беше сосема проблематично.

Советските „21-ци“ се бореа на небото над Авганистан, Либија, Југославија, Ангола, на границата на Индија и Пакистан. Од монтажната линија слегоа повеќе од 11 илјади единици МиГ-21, вклучувајќи ги и неговите странски копии. Ловецот беше во служба во повеќе од педесет земји од светот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња