Во овој момент вооружените сили на Алжир, заедно со модерните основни борбени тенкови (обт) Т-90СА, експлоатираат и околу 300 модернизирани Т-72, кои во текот на децениите служба се покажаа како многу сигурни борбени средства кои истовремено се и многу едноставни за одржување.
Сепак, повеќето алжирски обт Т-72 беа набавени уште во 80-тите години на минатиот век. Во 21 век нивната борбена вредност значително опадна поради техничката застареност. На пример, нишаните развиени во тоа време и вградени во овие тенкови не обезбедуваат доволна прецизност при дејствување од тенковскиот топ, а има и значителни ограничувања при гаѓање во ноќни услови, пренесува веб-порталот РГ.
Со цел овие тенкови да опстојат на бојното поле и да ги решат задачите за кои се наменети, Алжирците заедно со руските партнери смислија најоптимален пакет за модернизација на овој тенк. Тој пред сé се состоеше од значителна модернизација на системот за управување со огнот.
Во тој поглед на тенкот е инсталиран современиот нишан „Сосна-У“, кој има и термовизиски канал што му овозможува ефикасно дејство во дневни и ноќни услови. Неговата инсталација не бараше отстранување на стариот нишан ТПД-1К, кој остана на модернизираниот тенк како резервна опција. Местото на командирот на модернизираните тенкови Т-72 доби и дневен/ноќен набљудувачко-нишански уред ТКН-4С, со чија помош може да се преземе функцијата на нишанџија. Местото на возачот е опремено со нов прибор ТВН-5.
Покрај тоа, се работеше и на зголемување на арсеналот на убојни средства кои може да ги употребува модернизираниот тенк. Тоа првенствено се однесува на примената на наведувани ракети со калибар 125 мм кои се испукуваат од топот.
Судејќи според сé, станува збор за ракетата 9М119 „Рефлекс“ (НАТО АТ-11 „Sniper“), чија основна намена е ефикасна борба против сите видови стационарни и подвижни цели на далечини и до 5000 метри. Ракетата се наведува кон целта со помош на ласерски зрак. Нејзината просечна брзина при совладувањето на ова растојание достигнува околу 300 м/с. Се карактеризира со спирална траекторија на летот. Се состои од тандем-кумулативна боева глава со тежина од 4,5 кг, која може да пробие и до 800 мм тенковски оклоп заштитен со елементи на пасивна реактивна заштита. Помошниот експлозивен боев елемент се наоѓа пред основниот кумулативен сегмент и има за задача да го активира динамичкиот оклоп и практично да го расчисти просторот за директен контакт на кумулативниот проектил со основниот тенковски оклоп.
Борбената употреба на оваа ракета во Сирија беше регистрирана за прв пат кон средината на минатата година. За време на операцијата против исламистичките терористи во провинцијата Хама (офанзивата на Акербат), врз нив беше дејствувано и со овие ракети кои со речиси 100% успех уништија голем број непријателски точкести цели. Акцијата ја изведуваа тенковите Т-72Б3 кои се наоѓаат во вооружувањето елитната сириска доброволечка бригада „Пустински соколи“.
Што се однесува до оклопната заштита, таа е унапредена со додавање сензори за ласерско озрачување кои се поврзани со инсталираниот систем за чадна завеса. Тенкот доби и посовршени системи за врска.
Во овој облик алжирската модификација на основниот борбен тенк Т-72 на полето на борбата може да им конкурира на другите модерни тенкови.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче