Мистериозниот радар на ракетниот систем С-500 „Прометеј“ усвоен во вооружувањето на руската армија!

Новата радарско-набљудувачка станица „Енисеј“ претставува суперсовремено и универзално високотехнолошко средство за решавање цел спектар на задачи кога станува збор за воздушно набљудување. Таа е во состојба да детектира и следи воздушни објекти кои се движат со хиперсонична брзина. Повеќе за овој навистина сериозен систем што овозможува значаен технолошки пробив на руската армија кога станува збор за единиците за противвоздухоплона и противракетна одбрана, прочитајте во текстот.

Повеќето тактичко-технички карактеристики на радарско-набљудувачката станица од новата генерација „Енисеј“, која во перспектива ќе се наоѓа во комплетот на ракетниот ПВО/ПРО-систем со голем дострел С-500 „Прометеј“ се под превезот на воена тајна. Доволно е да се каже дека оваа радарска станица прв и засега единствен пат се појави во април 2018 година, за време на големата воена вежба во Астраханската област. По овој „излет“ повеќе никаде не можеше да се види, пренесува веб-порталот РГ.

Една од клучните карактеристики на радарско-набљудувачката станица „Енисеј“ во однос на стандардните радарски системи во склоп на ПВО/ПРО-системот С-400 „Триумф“ е непрекинатата работа во мошне долг временски период во целосно автоматизиран режим на работа. Затоа, во овој момент, радарската станица „Енисеј“ се користи и во состав на ПВО/ПРО-системот С-400 заедно со тродимензионалната радарска станица 96Л6, што повеќекратно ја зголемува ефикасноста на овој систем.

Новата радарска станица е во состојба да открие воздушни објекти на растојанија и до 600 км, како и на висина поголема од 100 км. На ова растојание може да „фати“ и хиперсонични ракети (вклучително и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети). На овие растојанија „Енисеј“ со мошне висока прецизност може да селектира цели (свој/туѓ). Што се однесува до техничката супериорност на оваа станица, скенирањето на воздушниот простор не оди според неговите сектори, туку според полн круг. Она на што особено работеа руските конструктори е отпорноста на радарската станица на сите форми на противелектронско дејство на непријателот (и по интензитет и по обем), за што употребија најквалитетни технички решенија. Друга не помалку важна работа е брзината со која радарската станица преминува од маршовска позицијата во борбен режим на работа и обратно. За такво нешто се потребни само неколку минути, што е навистина исклучителен резултат со оглед на целата сложеност на еден таков систем.

ПВО/ПРО С-500 „Прометеј“ ќе може да се бори против комплетниот спектар воздушно оружје, вклучувајќи хиперсонични летечки објекти и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети. Основната „противавионска“ ракета што ќе ја применува системот С-500 ќе биде 40Н6. Таа ќе може да соборува цели на далечини и до 400 км. Оваа ракета веќе се наоѓа во вооружувањето на системот С-400 како негово топ-оружје. За пресретнување на балистички цели и хиперсонични летечки објекти се развива семејството ракети 77Н6. Овие ракети треба да ги заменат постарите модели 9М82 кои се наоѓаат во вооружувањето на системот С-300В.

Се смета дека „Прометеј“ ќе може да оствари ефективен хоризонтален дострел и до 600 км, додека висината на пресретнување на воздушните цели ќе биде драматично зголемена во споредба со претходникот С-400. Имено, новите типови ракети ќе овозможат борба со непријателските цели кои се наоѓаат во поблиската вселена. Новите можности на системот С-500 „Прометеј“ не ја исклучуваат можноста за соборување извидувачки сателити кои се движат во ниската орбита на Земјата.

Според првиот човек на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов, фабричките испитувања на ПВО/ПРО-системот С-500 „Прометеј“ се завршени и веќе годинава првите дивизиони со ова, судејќи според сé, супериорно оружје може да влезат во вооружувањето на руската армија. Некои извори тврдат дека перспективниот противвоздухопловен и противракетен систем С-500 „Прометеј“ ќе се произведува во две варијанти - мобилна (самоодна) и влечна.

Во секој случај, се работи за еден од најенигматичните проекти на руската воена индустрија. Неговите официјални тактичко-технички карактеристики сè уште не се објавени никаде и секоја приказна за неговите основни показатели (дострелот на ракетите во далечина и висина, карактеристиките на радарско-набљудувачките и нишанските радари и сл.) сè уште претставува обична шпекулација.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња