Какви макети на советско/руско вооружување користи Војската на САД на своите воени вежби?

Покрај макети на борбените возила на пешадијата БМП-2 и основните борбени тенкови Т-72 и Т-80, американската војска користи имитации и на други модели борбена техника од руско потекло. Тие првенствено се прават на гасенични шасии како што се самоодната хаубица М109, лесниот тенк M551 „Шеридан“, како и оклопниот транспортер М113.

На пример, пред две години на воениот полигон Форт Ирвин беше забележан модел кој претставува имитација на ракетно-топовскиот хибриден ПВО-систем „Тунгуска“.

Овој модел, како и другите видови на советска/руска борбена техника, се монтирани на шасија на стар оклопен транспортер на гасеници M113. Иако на макетата е поставена имитација на куполата на која се наоѓаат ПА-топовите и осумте лансирни контејнери со ПА-ракети (како и на вистинското орудие), се чини дека моделарите не се потрудиле многу околу деталите за што поверно да го претстават овој руски ПВО-систем.

Претходно, во 1980-тите, таквата работа беше изведена поквалитетно, на пример, на шасија на самоодната хаубица M109 беше направена макета на советското артилериско ПВО-орудие ЗСУ-24-4. Со цел да се направи оваа макета да биде поверодостојна, од американското орудие беше тргната хаубицата од 155 мм и наместо неа беа интегрирани четири автоматски ПА-топови кои го имитираа советското орудие со калибар 23 мм. На врвот на куполата дури беше поставена и макета на радарската антена.

Останатите типови макети кога е во прашање советското ПВО-орудие „Шилка“ се направени на база на американскиот лесен тенк М551 „Шеридан“ кој се наоѓаше во составот на падобранските единици, но со малку послаб квалитет отколку што тоа беше случајот со платформата од САХ М109.

Според одделни извори, Американците тие години успеаја да набават од Израелците неколку запленети „Шилки“ кои се наоѓаа во составот на арапските војски. Нивната употреба беше ограничена само на полигонски тестирања на перспективната воздухопловна техника, која во тоа време беше развивана за потребите на ВВ на САД.

Судејќи според објавите на интернет, таквите „тренинг битки“ понекогаш завршуваат со вистински загуби. Така, во текот на 2018 година, за време на симулација на воздушно-копнена битка изгоре еден „американски БМП-2“. Според информациите од теренот, се работело за проблеми од техничка природа.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња