Проект „Острота“: И руската тактичка авијација ќе носи ракети што летаат со хиперсонична брзина

Вадим Савицки/Global Look Press
Се работи за нов проект кој нема да има пандан во светски размери. На овој проект работат ракетните конструктори на познатото московско конструкторско биро „Радуга“ и машинско-конструкторското биро „Сојуз“. Опитно-конструкторската работа влегува во завршната фаза и веќе следната година треба да се очекуваат првите летечко-технички тестирања на новата ракета.

За руските бомбардерски ескадрили во рамките на опитно-конструкторската работа со кодно име „Острота“ се развива нова истоимена хиперсонична ракета со мали габарити, која според димензиите ќе биде помала од оперативната ракета „Кинжал“. Очигледно, новата ракета ќе припаѓа на класата проектили „воздух-земја“ и се планира со неа да се вооружат бомбардерите со голем опсег Ту-22М3, како и тактичките ловци-бомбардери Су-34.

Ова го соопшти веб-порталот „Известија“, кој се осврна на работата на новиот проект за развој на воздухопловно оружје „Острота“. Според порталот, целиот проект влегол во завршната фаза од опитно-конструкторската работа, пренесува неименуван извор од руското Министерство за одбрана.

„Имаме во план веќе следната година да започнеме со тестирање на новата хиперсонична ракета со мали димензии „Острота“ што ќе ја носат нашите бомбардери. Вооружувањето на нашите авиони со нов вид хиперсонична ракета е дел од програмата за ненуклеарно одвраќање од потенцијален напад врз Русија. Новите ракети ќе им помогнат на нашите вооружени сили да ја задржат лидерската позиција во оваа високотехнолошка сфера на вооружување, со чија помош можат да се изведат загарантирани удари по сите видови бранети објекти (се мисли на ешалонизиран систем за ПВО/ПРО) “- се наведува во материјалот на овој весник што го пренесува веб-порталот anna-news.info.

На новата ракета работат научниците на познатото московско конструкторско биро „Радуга“ „Александар Березњак“.

Една од најважните ставки во целиот проект за развој на малогабаритна ракета која ќе мора да достигне хиперсонични параметри на брзина е развојот на адекватен мотор. На него работат научниците на машинското конструкторско биро „Сојуз“, кое е дел од корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“. Тие успеаја да ја комплетираат новата генерација набојно-млазни мотори (проектна шифра „Изделие-71“) за достигнување хиперсонична брзина.

Се проценува дека врз основа на динамиката на развојот на овој проект, практичните летечко-технички тестирање на новата малогабаритна хиперсонична ракета со воздушно базирање „Острота“ ќе започнат нареданта 2022 година.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња