„Форбс“: По три децении еднолични операции американските пилоти се во тактичка смисла „закржлавени“

Командата на американското Воено воздухопловство е незадоволна од ниската борбена вредност на своите ловечки ескадрили, кои не би можеле да го дадат максималниот потенцијал во судир од поголеми размери. А тоа е борба со сериозен противник во воздушниот простор. Имено, по неколку децении во кои борбените дејства главно се сведуваа на бомбардирање на копнени цели каде што противникот првенствено војува со „со помош на стап и јаже“, американските пилоти во тактичка смисла станаа хендикепирани.

Врз основа на овие искуства кои се претворија во вкоренети навики, се поставува сериозно прашањето како американските пилоти на авиони-ловци воопшто би се снашле во услови кога би ги вкрстиле своите вештини со рамноправен противник, како што се воените воздухопловства на Кина и на Русија, што сигурно би ги исфрлило од повеќедецениската зона на комфор.

Од раните 1990-ти, воздухопловната команда на ВВ на САД (Air Combat Command, ACC) полека го реформира својот систем на борбено распоредување на воздухопловни ескадрили и полкови на ловечко-борбената авијација. Во тој временски период беа формирани 10 „експедициски корпуси“ - кои ротираат наизменично кога станува збор за борбен ангажман надвор од границите на САД - на пример, ловечка ескадрила базирана на просторот Јужна Каролина, кој во својот состав ома повеќенаменски борбени летала F-16 се дислоцира во воздухопловната база Баграм во Авганистан, каде што наредните шест месеци ќе ги бомбардира позициите на локалните бунтовници, пренесува „Форбс“.

Меѓутоа, ваквиот пристап кон одржувањето на борбената готовност има ефект само кога имате спроти себе беспомошен противник, кој во своите раце нема ниедно средство кое посериозно може да го загрози текот на операцијата, која е обично предвидлива, долга во траење и во однос на внатрешната динамика - забавена. Меѓутоа, доколку дојде до конфликт со руското или кинеското воено воздухопловство, времето на реакција мора да биде неспоредливо побрзо од вкоренетите повеќедецениски навики. Факт е дека Москва и Пекинг имаат ракети што се способни да уништат непријателски авиони додека сé уште се на аеродромите (на пистата и во хангарите – заб. на прев.).

Новата стратегија на американското воено воздухопловство се сведува на деконцентрација на ескадрилите на поголем број помали аеродроми кои се наоѓаат во близина на подрачјето каде што се изведуваат активни борбени дејствија. Воздухопловните офицери на САД се уверени дека ова ќе го збуни непријателот затоа што тој нема да ја знае точната рута од каде се очекува главниот налет. Не може да се каже дека овде во прашање е револуционерна тактика кога станува збор за борбена авијација (советските и руските пилоти веќе со децении користат слична методологија), но сепак подобро нешто отколку ништо.

Меѓутоа, ваквото расцепкување на ескадрилите доведува до организациски проблеми поврзани со командувањето. Кој ќе донесе одлука во критичен момент ловечката ескадрила да се „раштрка“ на неколку одделни аеродроми, кој ќе ја преземе командата над тие помали тактички ловечки одделенија и кому ќе му бидат подредени тие? Во согласност со новите ветришта што дуваат во ВВ на САД, главната команда донесе одлука на фонот на воздухопловните полкови да се формираат неколку експериментални штабови. Нивна задача е да ги решат сите претходно набројани проблеми пред да дојде на ред распоредувањето самостојни ескадрили и нивната понатамошна поделба во театарот на борбени дејствија.

„Главните воздухопловни полкови ќе бидат третирани и увежбувани како ударни групи. Ваквата формациска надградба ќе им овозможи на просторот каде што се изведуваат активни борбени дејствија да дојдат целосно подготвени“, рекоа од командата на ВВ на САД.

Реформата на системот за борбена обука на пилотите се одвива во позадина на процесот на замена на воздухопловниот парк на авиони-ловци. По неколку децении спокојство, Пентагон се соочи со итна потреба за модернизирање на своето воздухопловство поради значителниот технолошки раст (како во авионите од нова генерација, така и во нивниот број) на руското и кинеското воено воздухопловство.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња