Во Русија објавена цената на изградба на новиот носач на авиони на нуклеарен погон (проект „Шторм“)

Макета на носачот на авиони од проектот 23000Е на изложбата „Армија 2015“

Макета на носачот на авиони од проектот 23000Е на изложбата „Армија 2015“

Артјом Ткаченко
Новиот руски носач на авиони, кој очигледно ќе има депласман од 70-80 илјади тони, ќе го чини рускиот одбранбен буџет најмалку 500 милијарди руби (околу 5,5 милијарди евра). Сепак, без оглед на астрономската проекција на трошоците за изградба на овој брод, тој ќе биде поевтин во однос на американските носачи на авиони, чиј депласман се движи и до 110 илјади тони.

Ова за веб-порталот РИА „Новости“ го изјави членот на колегиумот на Воено-техничката комисија и член на Поморскиот колегиум при владата на Руската Федерација Владимир Поспелов. Сепак, оваа бројка е само груба проценка што може да варира за време на изградбата. Поголема е веројатноста дека предвидената бројка ќе биде за 10-20% поголема од сегашната рамковна цена, отколку што ќе се успее да се заштеди нешто за време на неговата изградба. Според Поспелов, на руската Воена морнарица ѝ требаат најмалку три такви носачи на авиони кои на своите палуби би ја носеле новата генерација авиони-ловци (5-та генерација на палубни повеќенаменски борбени летала). Значи, развој и практична реализација на два капитални проекти за потребите на воената морнарица, пренесува веб-порталот РГ.

Руските конструктори успеаја да осмислат неколку проекти за перспективниот носач на авиони за потребите на руската Воена морнарица. Еден од нив е и проектот „Шторм“.

Станува збор за поморски објект кој навистина има импресивни димензии. Неговиот вкупен депласман ќе биде поголем од 80 илјади тони, од кои само палубата за полетување ќе има површина од 14 илјади квадратни метри. За разлика од „Адмирал Кузнецов“ кој поради големото количество вооружување што го има на располагање уште се вика и крстосувач, „Шторм ќе биде носач на авиони во целосен капацитет. Апсолутно сѐ ќе им биде подредено на авионите: зголемен простор за нивно сместување, магацин за борбените средства и гориво. Се проценува дека „Шторм“ ќе може да носи околу 70 борбени авиони од генерациите 4+, 4++ и 5 (морнаричка верзија). Стратешкиот брод на ВМ ќе има должина поголема од 300 метри, додека неговата висина ќе достигнува 65 метри. „Шторм“ ќе го движат четири нуклеарни реактори со индивидуална моќност од 305 мегавати кои ќе му обезбедат на бродот да достигне брзина и до 28 јазли. Од вооружување ќе ги поседува најмодерните крстосувачки ракети со голем дострел „Калибар“ и „Циркон“.

Покрај „Шторм“, руските дизајнери понудија и проект на полесна верзија на носач на авиони „Варан“, кој во руските медиуми се третира и како универзален брод.

Имено, Невскиот проектно-конструкторски институт (ПКБ кој се наоѓа во состав на Обединетата бродоградежна корпорација) развил два нови проекта на универзални бродови, поточно универзалниот површински брод „Варан“ (УМК) и новиот универзален десантен брод (УДК).

УМК „Варан“ всушност претставува еден вид носач на авиони кој се одликува со висок степен на автоматизација и способност за примена на роботизирани системи. На неговата палуба можат да се распоредат и до две комплетни ескадрили повеќенаменски борбени авиони (24), шест хеликоптери и до 20 беспилотни летала. Депласманот на бродот достигнува 45 илјади тони. Неговата должина изнесува 250 метри, ширината 65 метри, а минималниот газ 9 метри. УМК „Варан“ е во состојба да плови со брзина од 26 јазли.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња