Научниците на Федералниот истражувачки центар „Краснојарски научен центар на Сибирското одделение на Руската академија на науките“ смислија технологија за обновување на плодното земјиште на Арктикот, која подразбира употреба на житарки и минерални ѓубрива. Со примена на оваа технологија не само што нарушеното земјиште повторно ќе стане земјоделско, туку ќе се зголемат и квалитетот и количините на приносите, соопшти службата за односи со јавноста на овој Институт.
Според мислењето на научниците, со зголемувањето на обемот на експлоатација на рудното богатство на Арктикот се појавила потреба да се намалат негативните последици по природата и обновување на нарушеното земјиште.
„Научниците развија технологија на зачувување и заздравување на земјиштето на просторот на Енисејскиот север по експлоатацијата. Тоа ќе придонесе за ефикасна употреба на природниот потенцијал на арктичкиот агропејзаж, користење на рекултивирани парцели во земјоделието, како и земјоделско производство на дадени количини и квалитети“, се наведува во соопштението.
Како што се истакнува, развиената технологија вклучува низа мерки во обновувањето на земјиштето. А тоа подразбира површинска механичка обработка на земјиштето на длабочина од 12 до 15 сантиметри, употреба на минерални ѓубрива и сеење на повеќегодишни житни култури.
Оваа вегетација ќе овозможи брзо формирање на растителна покривка на почвата што заздравува, со што ќе се спречи ерозија на почвата. Одржувањето на парцелите ќе трае три години. Таквиот метод ќе обезбеди можност за „програмирање“ на приносите и земјоделското производство во услови на Енисејскиот север во дадени количини и квалитет. Со примена на споменатата технологија ќе се зголеми продуктивноста на ливадските култури два до три пати.
Со правилно одгледување посеаните ливади ќе функционираат повеќе од десет-петнаесет години. Со цел што поголема ефикасност на нашата технологија, планираме да произведеме и примениме вештачка земјена мешавина со која ќе го замениме неповратно изгубениот плоден слој на земјиштето за време на експлоатацијата на рудното богатство, изјави докторандот Абибула Сариев од Научно-истражувачкиот институт за земјоделство и екологија на Сибирското одделение на Руската академија на науките.
Предноста на оваа технологија е тоа што таа е прилагодена на локалните услови и ги зема предвид можните климатски промени во вегетацискиот период. Според споменатиот научник, развиената технологија овозможува одгледување во арктички услови на житни култури и фуражни култури како јачмен, овес и пченица, но и фуражни мешунки.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче