Military Watch: Постои реална опасност Ирачаните да ги заменат своите F-16IQ со руски ловци

Военото воздухопловство на Ирак во блиска иднина би можело да се откаже од употреба на американските повеќенаменски ловци F-16IQ Fighting Falcon. Ова го пишува веб-порталот Military Watch во текстот што се однесува на експлоатацијата на трите ексадрили авиони-ловци F-16IQ Fighting Falcon (34 летала) што се наоѓаат во составот на ирачките вооружени сили. Кои авиони би можеле да бидат тоа, поопширно во продолжението на текстот.

Имено, овие летала се набавени во периодот 2014-2017 година. Нивното техничко одржување зависи од американските специјалисти за воздухопловна воена техника кои, во зависност од политичката состојба, можат да ја напуштат оваа земја и да престанат со понатамошна техничка поддршка. Значи, на долг рок, се работи за многу нестабилна и непредвидлива ситуација која секако ја има предвид ирачкото Министерство за одбрана и врвот на војската, пренесува веб-порталот РГ.

Во согласност со овие реални претпоставки, воениот врв на оваа земја започна да размислува за набавка на помодерни борбени летала. Уште во август минатата година, високи воени претставници изјавија дека им е потребна извозната верзија на повеќенаменскиот борбен авион од петтата генерација Су-57, кој претставува најсовремено летало што го произведува рускиот военовоздухопловен комплекс. Меѓутоа, во овој момент се поставува прашањето дали Ирак може да си го дозволи Су-57 поради неговата висока цена.

Според авторите на оваа публикација, тука се отвора пат за евентуална набавка на помодерните верзии на авионот-ловец Миг-29 (нешто како индискиот МиГ-29UPG) или неговиот напреден наследник МиГ-35. Имено, овие летала се природен пат за оспособување на квалитетен пилотски кадар за подоцнежно управување со ловци од повисока класа, како што се Су-30СМ/СМ2 или Су-57.

Напредните модификации на ловецот Миг-29 не се воопшто наивни. Овие летала можат да носат наведувани ракети со среден дострел Р-77¹ опремени со активни радарски самонаведувани боеви глави. Нивниот американски еквивалент е ракетата AIM-120C, која САД не сакаа да им ја продадат на Ирачаните, што може да биде уште еден од важните адути оваа земја да се сврти кон набавка на руски авиони.

Американските експерти заклучуваат дека руските ловци МиГ-29 би можеле да станат ефикасен додаток на сé поголемиот број современи системи на вооружување кои Ирак ги купува од Русија. Патем, Багдад ја разгледува и можноста за набавка на противвоздушниот ракетен систем со голем дострел С-400 „Триумф“.

МиГ-29 (НАТО-класификација Fulcrum) е советски/руски авион-ловец од 4 генерација. Негова основна намена се ловечко-пресретнувачки дејства со цел воспоставување ефективна контрола над воздушниот простор. Оспособен е за борба против широк спектар воздушни цели, при што благодарение на своите исклучителни маневарски способности е многу опасен во блиска воздушна борба, во сите временски услови на денот и ноќта. За ловечко-пресретнувачки дејства користи ракети со мал и среден дострел. Исто така, помодерните верзии на овој авион се оспособени и за класични бомбардерски задачи, при што користат високопрецизни ракети и бомби со голема деструктивна моќ.

_______________________________________________

¹ Оваа ракета е развиена од познатата руска компанија „Вимпел“ и спаѓа во најсовремените ракети од таков тип во светот. Нејзиниот максимален дострел достигнува и над 110 км (РВВ-СД), а во завршницата на својата траекторија се наведува со помош на глава со активно радарско самонаведување. Нејзината уникатна конструкција, со препознатливите решеткасти стабилизатори, ѝ дава исклучителна енергетско-кинетичка и аеродинамична способност за ефикасна борба против изразено маневрирачки цели. Максималната брзина на ракетата е околу 4 Мах (4250 км/ч).

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња