Во Русија забележана најновата модификација на возилото К-43262 „Вистрел“ со купола „Спица“

Скриншот
Рускиот оклопен автомобил за специјална намена К-43262 „Вистрел“ не престанува да еволуира кога станува збор за неговите напредни модификации. Имено, на воената парада што се одржа во градот Нижни Новгород по повод одбележувањето на 76-годишнината од Победата во Втората светска војна, беше забележана најновата модификација на ова оклопно возило развиена од инженерите на ЦНИИ „Буревесник“.

На возилото е интегриран борбен модул без екипаж/купола со ознака „Спица“. Тоа е модул што може да собере голема количина муниција која се состои од неколку стотици фрагментарно-разорни и панцирно-трасерски гранати. Неговата целосна одвоеност од одделението со екипажот што се наоѓа во возилото драматично ги зголемува шансите за негово преживување, вклучително го десантниот отсек каде што се наоѓаат војниците со лично вооружување, пренесува веб-порталот РГ.

Слична купола без екипаж е поставена на оклопното возило „Тајфун-ВДВ“. Вооружена е со автоматскиот топ мод. 2A42 со калибар 30 мм, во пар со митралез 6П7К со калибар 7,62 мм. Оваа конфигурација на оружје во претходниот период се покажа и докажа во бројни конфликти. Што се однесува до блокот оптолектронска опрема, тој се состои од современ двоканален нишан со тв- и термовизиска камера, вклучувајќи и ласерски далечиномер кој точно го мери растојанието до откриената цел.

Оваа купола е вооружена (има опција) и со автоматски фрлач на гранати АГ-30 кој користи фрагментарно-разорна граната со калибар 30 мм, која е ефикасна во борба против непријателската жива сила која се наоѓа на отворено.

Неодамна се појавија фотографии од Сирија на кои се гледа специјална варијанта на ова возило, опремено со борбена купола МБ2-04.

Што се однесува до основното оружје, оваа верзија има и автоматски топ 2А42 со калибар 30 мм, што инаку се наоѓа во вооружувањето на борбените возила на пешадијата и десантните возила БМП-2, БМД-2, но и на средствата за огнена поддршка на оклопните единици БМПТ, БМПТ- 72. Силата на овој топ е препознаена и од страна на воздухопловните конструктори, така што го имаме во вооружувањето на јуришните хеликоптери Ми-28Н „Ноќен ловец“ и Ка-52 „Алигатор“. Покрај автоматскиот топ 2А42, во вооружувањето на оклопниот автомобил „Вистрел“ К-43269 има и два митралеза: ПКТМ со калибар 7,62 мм и тешкиот „Корд“ кој користи куршум 12,7 мм.

Што се однесува конкретно до оклопното возило К-43269 „Вистрел“, неговата тежина достигнува 10,5 тони. Силата на моторот што ја генерира ова возило достигнува 240 коњски сили. Максималната брзина на пат е 90 км/ч. Со еден резервоар може да помине растојание од 1100 км. Екипажот се состои од две лица и четворица војници кои можат да се сместат во десантниот отсек на возилото. Како што рековме, на возилото може да се монтираат ПКТ со калибар 7,62 мм, тежок митралез 12,7 мм „Утјос“/„Корд“ и автоматски фрлач на гранати АГ-17 „Пламја“ со калибар 30 мм.

Покрај оваа верзија, во Сирија беше тестирана и „средна“ варијанта на ова возило вооружена со тежок митралез КПВТ со калибар 14,5 мм. КПВТ тежи респектабилни 52,2 килограми. Најчесто се полни со реденик со капацитет од 50 куршуми, кој има маса од скоро 12,5 килограми. Митралезот КПВТ користи три вида куршуми со калибар 14,5 х 114 мм. Тоа се панцирно-запаливите БС-41 и Б-32, панцирно-запаливите-трасерски БЗТ и БСТ и запаливите ЗП и МДЗ. Неговата почетна брзина на устата на цевката изнесува 1000 м/сек, а енергијата на куршумот со тежина од 33 грама достигнува 32000 џули. Се проценува дека панцирно-запаливиот куршум БС-41 на растојание од 500 метри може да пробие челична плоча со дебелина од 25 мм.

И тоа не е сè што се однесува до понатамошното вооружување на ова возило. На него може да се монтираат противтенковски ракетни системи „Конкурс“, вклучувајќи и лансирни контејнери со ПВО-ракети со краток дострел „Стрела-10М“, така што може да се добие возило што решава повеќе различни задачи.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња