„Тоа е подводен ракетен камион“: американски сајт ја оцени новата руска јуришна подморница „Казањ“

Се работи за пловило изградено во стил што не е типичен за советските и руските подморници. Тоа особено се однесува на новиот распоред на торпедните цевки кои се отстранети од предната страна на трупот на подморницата со цел да се создадат пооптимални услови за поефикасно работење на хидроакустичниот комплекс со непознати карактеристики. Најголема опасност ќе претставува подморничката верзија на хиперсоничната ракета „Циркон“ која, судејќи според сé, ќе ја носи нуклеарната подморница „Казањ“.

Руската нуклеарна јуришна подморница „Казањ“, која на 7 мај годинава го подигна на својот јарбол Андреевското знаме, е „подводен ракетен камион“, пишува американскиот интернет-портал 19FortyFive.

Новата модифицирана подморница од класата „Јасен-М“ толку многу импресионираше еден висок американски офицер од Воената морнарица на САД што тој со свои раце направи нејзина макета и ја стави во својот кабинет за постојано да го предупредува за обемот на заканата што ја претставува новата руска офанзивна подморница, пренесува веб-порталот РГ.

Покрај подобрениот хидроакустичен систем и особено нечујното работење при движење, на подморниците од класата „Јасен-М“ им се отстранети торпедните цевки што се наоѓаа на фронталната страна на трупот. Тоа е направено со цел да се создадат пооптимални услови за поефикасно работење на хидроакустичниот комплекс. Торпедните цевки се поставени под агол во однос на централната линија на подморницата, што не е типично за советските и руските подморници, напоменува весникот.

Во текстот понатаму се забележува дека новата подморница е опремена со модерни торпеда и крстосувачки ракети. Исто така, се напоменува и тоа дека е многу веројатно дека подморниците од овој тип во иднина ќе можат да носат и варијанта на хиперсоничната ракета „Циркон“, која во моментов нема конкуренција кога станува збор за оружје од тој тип.

Во текстот се заклучува дека воведувањето на модернизираната подморница од класата „Јасен-М“ со сите свои напредни карактеристики е само мал дел од напорите насочени кон подобрување на борбениот потенцијал на руската флота.

Нуклеарната подморница 885М „Казањ“ е првата подморница од серијата вакви пловила, изградена според модернизираниот проект. Во овој момент бродоградежната компанија „Севмаш“ завршува и гради осум подморници од класата 885М „Јасен-М“ кои се во различни фази на изградба. Се очекува до крајот на оваа деценија руската Воена морнарица да има во својот состав девет комплетно опремени и максимално борбено оспособени подморници од оваа класа кои благодарение на можноста за носење хиперсонични ракети „Циркон беа наречени ултимативни убијци на носачи на авиони.

Основното вооружување на повеќенаменските нуклеарни подморници од класата 885/885M се крстосувачките ракети со подводно базирање „Калибар-ПЛ“¹ кои можат да остварат дострел од неколку илјади километри. Тука е уште и „убиецот“ на носачи на авиони - суперсоничната ракета „Оникс“, додека подморниците од модернизираниот проект 885M ќе можат да ја носат и подводната верзија на хиперсоничната ракета „Циркон“ од која нема одбрана.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња