Чувар на небото: првиот ракетен ПВО-систем С-350 „Витез“ влезе во состав на единиците на ЈВО

Според командантот на Јужниот воен округ, еден од противвоздухопловните ракетни полкови веќе е во фаза на транзиција на новиот ПВО-систем С-350 „Витез“. Новиот систем со среден дострел ќе обезбеди далеку поголема огнена моќ на единиците за ПВО во борбата против непријателот. Сега само еден ракетен дивизион С-350, кој во основа се состои од осум лансирни единици, ќе има 96 ракети во својот состав, наместо 32 ракети, како што е случај со системите С-300ПС.

Противвоздухопловниот ракетен систем со среден дострел С-350 „Витез“ влезе во состав на ПВО-единиците на Јужниот воен округ. Ова го соопшти командантот на Јужниот воен округ, генерал на армија Александар Дворников, одговарајќи на прашање на новинар кој работи за весникот „Воениј Весник Југа Росии“ (Военный вестник Юга России).

„Оваа година во вооружувањето ги усвоивме перспективните противвоздухопловни ракетни системи со среден дострел С-350 „Витез“. Според неговите карактеристики, С-350 е наменет за борба како против аеродинамични, така и против балистички цели на условниот непријател“, рече по тој повод генерал Дворников, пренесува информативната куќа ТВ „Ѕвезда“.

Според командантот на Јужниот воен округ, еден од противвоздухопловните ракетни полкови веќе се наоѓа во фаза на вооружување со новите ПВО-системи С-350 „Витјаз“.

Изгледот на перспективниот ракетен ПВО-систем со среден дострел „Витез“ беше претставен за прв пат на Меѓународната воздушно-космичка изложба МАКС уште во 2013 година, додека неговиот развој беше завршен шест години подоцна кога беше презентирана комплетираната техника на Меѓународниот военотехнички саен „Армија-2019“ во подмосковскиот парк „Патриот“. На крајот на март 2019 година завршија државните тестирања на системот С-350, кој треба да ги замени застарените системи С-300ПС.

С-350 „Витeз“ претставува ракетен систем со среден дострел и спаѓа во орудијата од нова генерација. Развиен е од познатиот концерн „Алмаз-Антеј“. Се употребува за борба против широк спектар воздушни објекти на далечини до 60 км. Притоа ракетата може да собори цел која се движи на висина до 30 км. Системот може подеднакво ефикасно да се употреби против аеродинамични, но и балистички цели. Една лансирна единица на ракетниот систем С-350 „Витeз“ е вооружена со 12 ракети (9М100 и 9М96) со мал и среден дострел. Треба да се напомне дека руските конструктори за овој систем ја развија и ракетата 9М96Е2 која има двојно поголем дострел во далечина од стандардните ракети. Нејзиниот максимален дострел изнесува 120 км.

Новиот систем со среден дострел ќе обезбеди далеку поголема огнена моќ за единиците за ПВО во борбата против непријателот. Сега само еден ракетен дивизион С-350, кој во основа се состои од осум лансирни единици, во својот состав ќе има 96 ракети, наместо 32 ракети, како што е случајот со системите С-300ПС. Ова, во содејство со современиот радарско-набљудувачки комплекс ќе обезбеди способност за заштита од масовни удари на условниот непријател, кој се проектира со употреба на голем број бомби, крстосувачки ракети и беспилотни летала.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња