Во вооружувањето на руската армија влезе подморница која ќе носи ракети „Калибар-М“ и „Циркон“

Станува збор за ултрамодерно пловило изградено според проектот 885М „Јасен-М“. Оваа јуришна нуклеарна подморница ќе може да применува хиперсонично оружје како ракети „Циркон“ и модернизирани крстосувачки ракети „Калибар-М“ со дострел и до 4000 километри. Покрај импресивната огнена моќ што ќе ги карактеризира пловилата од класата 885M, овие подморници ќе се одликуваат со практично бесшумна пловидба.

Нуклеарната подморница „Казањ“ (класа на пловила „Јасен-М“) влезе во оперативниот состав на руската Воена морнарица (ВМФ), соопшти Министерството за одбрана на РФ.

„Денес во Северодвинск, во бродоградилиштето „Севмаш“, под раководство на командантот на руската Воена морнарица адмирал Николај Евменов се одржа свечена церемонија за прием на јуришната нуклеарна подморница од четвртата генерација „Казањ“ (класа „Јасен- М“) во составот на руската Воена морнарица. На командната кила на подморницата беше подигнато Андреевското знаме, кое на командантот на нуклеарната јуришна подморница „Казањ“ капетан Александар Бекетов лично му го врачи адмирал Евменов“, се наведува во соопштението на информативната служба на руското Министерството за одбрана што го пренесува веб-порталот „Взгљад“.

На свечената церемонија командантот на Воената морнарица изрази увереност дека екипажот што ќе служи на оваа подморница квалитативно ќе ги зголеми одбранбените способности на руската армија во целина.

Главната подморница на модернизираниот проект 885M „Јасен-М“ - „Казањ“ беше успешно спуштена во вода на 31 март 2017 година. Таа се наоѓаше во фаза на фабричко тестирање од 25 септември 2018 година. На почетокот на оваа година (12 јануари) нуклеарната подморница „Казањ“ влезе во завршната етапа на тестирања. Патем, првата подморница од оваа класа, изградена според основниот проект 885 „Јасен“ (име „Северодвинск“) влезе во состав на Северната флота во текот на 2014 година. Во меѓувреме, руските конструктори направија подобрувања на овој проект, на кој му беше дадена ознаката 885M „Јасен-М“. Една од главните предности на модернизираниот проект 885M е значителното зголемување на бројот на оперативни ракети во однос на основната верзија. Покрај тоа, дополнително беше намалено нивото на нејзината бучавост при пловидба и беше вграден пакет најсовремена радиоелектронска опрема од најновата генерација.

Нуклеарната подморница 885М „Казањ“ е првата подморница од серијата вакви пловила, изградена според модернизираниот проект. Во овој момент бродоградежната компанија „Севмаш“ завршува и гради осум подморници од класата 885М „Јасен-М“ кои се во различни фази на изградба. Се очекува до крајот на оваа деценија руската Воена морнарица да има во својот состав девет комплетно опремени и максимално борбено оспособени подморници од оваа класа кои благодарение на можноста за носење хиперсонични ракети „Циркон беа наречени ултимативни убијци на носачи на авиони.

Основното вооружување на повеќенаменските нуклеарни подморници од класата 885/885M се крстосувачките ракети со подводно базирање „Калибар-ПЛ“¹ кои можат да остварат дострел од неколку илјади километри. Тука е уште и „убиецот“ на носачи на авиони - суперсоничната ракета „Оникс“, додека подморниците од модернизираниот проект 885M ќе можат да ја носат и подводната верзија на хиперсоничната ракета „Циркон“ од која нема одбрана.

———————————————————————————————————————————

¹ Според извори од военоиндустрискиот комплекс, овие подморници ќе бидат првите што ќе ги носат новите крстосувачки ракети „Калибар-М“ со ефективен дострел од над 4000 километри. Изворот додаде дека новите крстосувачки ракети „Калибар-М“ ќе имаат можност да бидат опремени со конвенционална - разорна боева глава, вклучително и со нуклеарна боева глава.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња