Тестатор на оружје и муниција објасни во што се состои неговата работа

ЦНИИточмаш / Ростех / rostec.ru
Тестатор на стрелечко оружје е специфична професија. Во Русија има малку повеќе од стотина стручњаци од овој калибар и тие не можат да се школуваат на ниеден факултет.

За тоа, како и за деталите на својата работа, во интервју за официјалниот сајт на „Ростех“ зборуваше Николај Голуб, тестатор на муниција во Државниот центар за демонстрации и тестирања (ГДИЦ). Центарот функционира при Централниот научноистражувачки институт за прецизно машинство, кој се занимава со проектирање и производство на стрелечко оружје и борбена опрема.

Според Николај Голуб, тестаторите н оружје во станиците за испитување и на полигоните ги обучуваат вработени во тие институции. За успешна работа потребно е да се познаваат основите на конструкторската работа, спецификите на производството на оружје и условите на експлоатација на моделите што се тестираат.

„Работам со стрелечко оружје и муниција, што значи дека морам да знам како да ракувам со сето тоа, да пукам, погодувам и да го одржувам оружјето“, објаснува Николај Голуб.

Во Централниот научноистражувачки институт за прецизно машинство оружјето се тестира во најсурови услови што можат да се појават во пракса. За проверка на работењето на високи и ниски температури се користат различни климатски комори. Комбинираните испитувања подразбираат наизменична работа во различни средини: при висока температура во услови на песочна бура и во услови на тропски дожд итн. Покрај тоа, се користи разновидна опрема за прецизно мерење на борбените карактеристики, како што се притисокот во цевката, брзината на куршумот и слично.

Тестаторот, исто така, ги прокоментира и интернет-стручњаците кои тестираат оружје и ги објавуваат своите заклучоци на блогови, изразувајќи сомнеж за квалитетот на нивната работа. Работата е во тоа што за неколку часа или еден ден не може да се утврди што сé може да некој модел на оружје. Квалитетните испитувања траат неколку месеци, а понекогаш и години, по што може да се објави веродостоен извештај за реалните карактеристики на оружјето.

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња