Моторот на престижниот руски автомобил „Аурус“ се тестира на авион „Јак-18Т“

Global Look Press
Авионскиот демонстративен мотор АПД-500, создаден врз база на моторот на рускиот автомобил од луксузната класа „Аурус“, ќе биде вграден во авион „Јак-18Т“ заради испитувања на земја.

Ова го изјавија за новинската агенција РИА „Новости“ од службата за односи со јавноста на Централниот институт за производство на авионски мотори „П. И. Баранов“ кој се занимава со развојот на овој мотор.

Стручњаците на Институтот „Баранов“ го завршија макетирањето на демонстративниот мотор АПД-500, а во наредната фаза ќе го вградат во авион „Јак-18Т“ заради испитувања на земја.

Во овој момент се тестираат системите развиени за моторот АПД-500 со кои се обезбедува интеракцијата со леталото. Се очекува вградувањето на демонстративниот мотор во авионот и пробата на системите да бидат завршени во текот на летото.

Целта на овој проект е да се види што точно треба да се смени на моторот за автомобил за да може авионот да лета со него. Автомобилските мотори се произведуваат во големи серии и чинат далеку помалку, па постои можност да се направи релативно евтин авионски мотор.

Инаку, Aurus Senat, развиен од рускиот Научно-истражувачки автомобилски и автомото институт НАМИ поскапе за 22 отсто и се продава по цена од 22 милиони рубли (околу 245 илјади евра).

„Јак-18Т“ е лесен школско-тренажен и патнички авион со четири седишта и багажник. Се користи во школските установи за цивилно воздухопловство. Поради староста и состојбата на возниот парк, руската влада донесе одлука во 2006 година да го обнови сериското производство на модернизираниот „Јак-18Т“. Обновувањето подразбира цела низа конструктивни промени.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња