Според рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, противвоздухопловните единици на војските на Русија и Таџикистан ќе формираат единствен одбранбен систем, пренесува веб-порталот РИА „Новости“.
„За да го зголемиме квалитетот на безбедноста на воздушните граници, подготвивме заеднички проект врз чија основа ќе биде изграден Здружен регионален систем за ПВО. Предложив овој документ да биде потпишан на крајот на нашиот состанок“, рече Шојгу за време на разговорите со неговиот колега Шерали Мирзо во Душанбе.
По тој повод тој ги покани претставниците на Министерството за одбрана на Република Таџикистан да дојдат на IX Московска конференција која се занимава со прашања на меѓународната безбедност, Меѓународниот воено-технички саем и Меѓународните армиски игри.
Здружениот систем за ПВО на Заедницата на независни држави е формиран пред повеќе од 26 години (10 февруари 1995 година) и во него учествуваа 10 држави кои настанаа по распадот на СССР. Во овој момент во рамките на овој систем учествуваат Русија, Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан.
Основната задача на овој систем е обезбедување на воздушниот простор на земјите што се наоѓаат во рамките на Заедницата на независни држави (ЗНД), заедничка контрола при неговата употреба, како и меѓусебно информирање за состојбата во воздушниот-космичкиот простор.
Во рамките на здружениот систем се наоѓаат регионални ефективи на ПВО, како што е случајот меѓу Русија и Белорусија, Русија и Казахстан, Русија и Киргистан, Русија и Таџикистан, како и Здружениот регионален систем за ПВО што се наоѓа во рамките на Кавкаскиот регион.
Во текот на воените вежби на здружениот систем за ПВО на ЗНД, кои беа реализирани во септември минатата година, учество зедоа армии на седум земји. Вкупно беа ангажирани околу 60 летала на ловечката, бомбардерската, јуришната и стратешката авијација, вклучувајќи и суперсонични бомбардери Ту-160 „Бел лебед“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче