Руската армија тестира нова хиперсоничнa ракета-пресретнувач која достигнува 20000 км/час (ВИДЕО)

Скриншот
Се работи за проектил кој во исклучително краток временски интервал достигнува неверојатни брзински параметри. Неговата основна намена е борба против сите видови воздушно-вселенско ударно оружје кое од големи висини лета кон земјата со огромна брзина, како што се, на пример, боевите блокови на интерконтиненталните балистички ракети.

Воздушно-космичките сили на руската армија изведоа успешно лансирање на нова ракета-пресретнувач. Комплетниот процес на лансирањето беше реализиран на специјализираниот воен полигон Сари-Шаган во Казахстан, пренесува информативната служба  на руското Министерство за одбрана.

Како што изјави командантот на силите на ПРО во рамките на ВКС генерал-мајор Сергеј Грабчук, новата ракета-пресретнувач по серијата тестирања ги потврди своите фабрички летечко-технички карактеристики, при што „ракеташите“ успешно ги решија сите поставени задачи, погодувајќи ги притоа условните цели со висока прецизност.

Системот за противракетна одбрана е интегрален дел на Воздушно-космичките сили и е наменет за одбрана на територијата на РФ од удари на средства за воздушно-вселенски напад.

Последната проверка на новата ракета-пресретнувач беше реализирана на истиот воен полигон во ноември минатата година. Тест-лансирања на перспективната ракета-пресретнувач беа изведени најпрвин во ноември 2017 година, потоа во февруари, јули, август и декември 2018 година, во јуни и јули 2019 година и најпосле во октомври 2020 година.

Се претпоставува дека со воведувањето на новата ракета во системот за противракетна одбрана значително ќе се зајакне нејзиниот „чадор“ над Москва и централните делови на Руската Федерација каде е концентрирана индустријата. Судејќи според сé, се работи за проектилот со ознака 53T6M кој ќе ги замени старите ракети базирани во силоси, а кои во моментов се дел од ПРО-системот А-135¹. Официјално, оваа информација сè уште не е потврдена, но може да се слушне од добро информирани луѓе.

Конусната ракет-пресретнувач 53T6M претставува модернизација заснована на ракетите 53T6 „Газела“. Основната верзија на оваа ракета се наоѓа на оперативно борбено дежурство на системот А-135 „Амур“. Оваа ракета може да пресретнува и уништува балистички објекти на растојание до 100 км, додека зоната на уништување на целта е во висина до 30 км. Сепак, реалните индикатори добиени на комплексните технички тестирања на оваа ракета докажаа дека ракетата 53T6 има значително подобри способности од оние прикажани во техничката документација за време на нивниот атест. Генералниот конструктор на овој комплекс, рускиот електронски инженер и експерт за радарска електроника генерал А. Г. Басистов изјави дека ракетата 53T6 има значително поголем потенцијал во однос на фабричките податоци.

Што се однесува до нејзината модернизирана верзија 53T6M, се претпоставува дека новата ракета ќе може да пресретнува балистички објекти на далечини поголеми од 150 км и висини од 50-100 км. Неговата проектирана брзина ќе биде во хиперсоничен опсег и ќе се движи од 4000-5500 м/сек. Што се однесува до боевата глава, најверојатно ќе се работи за нуклеарно полнење еквивалентно на 10 кт.

¹ За непосредна одбрана на градот Москва од нуклеарен удар задолжен е противракетниот комплекс А-135 „Амур“ кој е конструиран уште во седумдесеттите години од минатиот век. Во неговиот состав влегува радарската станица со голем дострел „Дон-2Н“ кој се наоѓа во Софрино, команден пункт во Пушкин и неколку дивизиони кои се распоредени на најважните ракетни коридори од каде може да дојде до нуклеарен напад. Овие дивизиони се вооружени со специјални ракети „пресретнувачи“ со краток дострел 53Т6 (НАТО кодификација „Gazelle“). Оваа ракета според техничката спецификација може да пресретне и да уништи балистички објекти на оддалеченост до 100 километри, додека зоната на уништување на цели по висина околу 30 километри.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња