Анимација на борба меѓу турски дрон „Акинџи“ и руски ПВО-систем 96К6 „Панцир-С1“ (ВИДЕО)

Интернет-портал „Бог-рата“ (mars.online)
Турската одбранбена компанија „Рокетсан“ (Roketsan) направи анимиран видеоклип кој ги прикажува наводните можности на новото беспилотно летало „Акинџи“ (Akıncı) кога станува збор за напад врз копнени високософистицирани цели на условниот непријател, како што се најдобрите ПВО-системи на денешницата. Креаторите на оваа анимација како главна цел на новото турско беспилотно летало го поставија рускиот хибриден ракетно-топовски ПВО-систем 96K6 „Панцир-С1“.

Во видеоматеријалот, кој оваа компанија го „сподели“ на социјалните мрежи, се гледа новото турско ударно беспилотно летало „Акинџи“ вооружено со „паметни“ бомби МАМ-Т. Во услови што потсетуваат на Блискиот Исток (пустинско подрачје) тоа го забележува фамозниот руски ракетно-топовски ПВО систем 96К6 „Панцир-С1“ и го уништува со дејство на високопрецизни убојни средства. Неодамна оваа компанија објави информација за успешно тестирање на нови типови високопрецизна муниција која ќе се наоѓа во арсеналот на турските беспилотни летала, пренесува РИА „Новости“.

Неодамна во емисијата „Неделни вести“ на руската државна телевизија беше објавен анимиран видеоклип во кој руски дрон „Ланцет“ уништува цел што потсетува на турското извидувачко-ударно беспилотно летало „Бајрактар“ (Bayraktar) кое беше означено со амблеми кои ги користи турското воено воздухопловство.

Треба да се истакне дека на почетокот на април водечкиот турски производител на беспилотни летала - компанијата „Бајкар“ (Baykar) ја информираше јавноста дека Украина набавила контингент извидувачко-ударни беспилотни летала „Бајрактар“ ​​(кои во меѓувреме ги изведоа своите први летови над централна Украина – заб. на прев.).

Потсетник

96К6 „Панцир С1” е противвоздухопловен хибриден ракетно-топовски систем со краток дострел. Наменет е за заштита на цивилни и воени објекти од напад со сите модерни и перспектива средства за воздушен напад, во сите временски услови, без оглед на периодот на денот (ден/ноќ), при масовна употреба на противнички системи за противелектронска борба. Опремен е со повеќеканален систем за зафаќање на цели и нивно следење. Во состојба е истовремено да зафати до 10 различни цели во воздушниот простор и да дејствува по четирите најопасни. Наведувањето може да се реализира преку нишанскиот радар или оптоелектронскиот комплекс. Со ракетите може да гаѓа цели на далечина од 20 км/висина 15 км, додека со топовите покрива далечина до 5000 метри. Топовите дејствуваат со брзина од околу 4800 гранати во минута. Благодарение на својата универзалност, системот може да се користи и против копнени и надводни цели.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња