Руските Воздушно-космички сили распоредени на територијата на Сирија извршија серија воздушни удари врз позициите на терористичката организација „Исламска држава“. Целите на оваа операција се наоѓаа североисточно од градот Палмира, во сирискиот регион Хомс. Ова им беше пренесено на новинарите во редовниот билтен на Рускиот центар за помирување на завојуваните страни кој го покрива просторот на Сириската Арапска Република.
Претставниците на рускиот Центар за помирување изјавија дека во воздушните напади се уништени две поголеми терористички бази во кои се криела техника на терористите, како и нивна жива сила. Руската авијација со примена на високопрецизно оружје уништи 24 транспортни средства со тешки митралези, до 200 терористи, околу 500 килограми муниција и компоненти за изработка на импровизирани минско-експлозивни средства.
Како што се наведува понатаму, уништените терористички сили и нивните борбени средства се подготвувале за напад на денот кога ќе се одржуваат претседателските избори во Сириската Арапска Република (закажани за 26 мај) на кои сегашниот претседател Башар ал Асад судејќи според сé ќе оствари убедлива победа.
И покрај ликвидацијата на големите територијални енклави на „Исламската држава“, сé уште е рано да се зборува за целосно уништување на оваа терористичка група. Откако претрпеа тешки загуби во жива сила и материјално-технички средства, што предизвика неможност за опстанок во поголемите населени места, преостанатите терористички единици радикално ја сменија тактиката на своето дејствување со тоа што преминаа на класично герилско војување. Во последно време тие ги насочија своите дејствија кон пустинските подрачја на провинциите Хомс и Деир ез-Зор, кои се под контрола на сириската влада, како и пустинското подрачје што се протега во провинциите Деир ез-Зор, Хасака и Рака, кои се контролирани од курдски формации.
Во меѓувреме, терористите дури формираа и специјална единица чија цел е да ловат и ликвидираат странски борбени елементи кои се движат во овие области на Сириската Арапска Република.
Треба да се напомене руските ВКС формираа специјална воздухопловна група која е задолжена за реализација на борбената операција на територијата на Сирија. Во различни фази на конфликтот таа броеше од 65-100 авиони од различен тип (тактичка и стратешка авијација) и 20-35 хеликоптери. Овие сили од 30 септември 2015 година, во координација со други единици од другите видови на руската армија и сириската армија, ликвидираа меѓу 100-120 илјади терористи, уништија над 1300 единици разновидна борбена техника и околу 4000 цистерни за транспорт на украдена нафта.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче