Институтот за експериментална медицина (ИЕМ) од Санкт Петербург планира во наредните година дена да ги заврши претклиничките испитувања на првата на светот јадлива вакцина против коронавирус, која ќе има вкус на познатиот руски млечен производ „рјаженка“, соопшти директорот на ИЕМ Александар Дмитриев.
Според Дмитриев, истражувањето започнало на Институтот за експериментална медицина пред околу една година и се очекува претклиничките студии да бидат завршени до крајот на 2021 година или почетокот на 2022 година.
Институтот за експериментална медицина има долгогодишно искуство во развојот на вакцини врз база на пробиотици - живи бактерии, кои се користат за производство на ферментирани млечни производи. Значи, во составот на ИЕМ веќе постојат слични вакцини против грип, пневмококи и стрептококи.
При изработката на вакцината против ковид, фрагмент од синтетизиран ген на коронавирусот се вградува во генот на бактеријата. Како резултат на генетска модификација, се создава протеин на коронавирусот кој му овозможува на телото да произведе имунолошки одговор.
Вакцината што се јаде речиси не се разликува на вкус од обичните ферментирани млечни производи, велат руските научници.
„Најмногу потсетува на „рјаженка“. Лабораториски глувци, стаорци и зајаци ја јадат со уживање. Притоа се формира одличен имунолошки одговор и сè уште не се забележани несакани ефекти“, изјави шефот на одделението за молекуларна микробиологија и лабораторијата за молекуларна генетика на патогени микроорганизми во ИЕМ Александар Суворов.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче