Како што пренесува веб-порталот ИА REGNUM, кој се повикува на свои извори од руското Министерство за одбрана, во единиците на руската армија веќе наголемо трае обуката на првите екипажи кои ќе управуваат со ПВО/ПРО-системите од новата генерација С-500 „Прометеј“.
Според овие информации, во блиска иднина се очекува да заврши обуката на специјалисти неопходни за успешно функционирање на овој комплексен борбен систем. Од нив ќе се формираат нови единици кои ќе бидат опремени со ПВО/ПРО-системите С-500 „Прометеј“, а целиот овој процес, кој во моментов се изведува, значително ќе го скрати временскиот период помеѓу неговата испорака и стапувањето на борбено дежурство.
Обука на специјалисти на системите за ПВО/ПРО од новата генерација се изведува во Центарот за обука на ПВО единиците во Гатчина, потоа во Воената академија на воздушно-вселенската одбрана, во базите на Сибирскиот и Јужниот федерален универзитет (центрите за воена обука), во МГТУ (Н. Е. Бауман) и на крај во Јарославската Виша воена школа за производство на кадри во ПВО.
Во соопштението се прецизира дека специјализантите кои ќе управуваат со новите системи најпрвин во теоретска форма ги усвоиле општите и специфичните информации за перспективната техника и дека во овој момент изведуваат практична обука на основните компоненти на овој систем.
ПВО/ПРО С-500 „Прометеј“ ќе може да се бори против комплетниот спектар воздушно оружје, вклучувајќи хиперсонични летечки објекти и боеви блокови на интерконтинентални балистички ракети. Основната „противавионска“ ракета што ќе ја применува системот С-500 ќе биде 40Н6. Таа ќе може да соборува цели на далечини и до 400 км. Оваа ракета веќе се наоѓа во вооружувањето на системот С-400 како негово топ-оружје. За пресретнување на балистички цели и хиперсонични летечки објекти се развива семејството ракети 77Н6. Овие ракети треба да ги заменат постарите модели 9М82 кои се наоѓаат во вооружувањето на системот С-300В.
Се смета дека „Прометеј“ ќе може да оствари ефективен хоризонтален дострел и до 600 км, додека висината на пресретнување на воздушните цели ќе биде драматично зголемена во споредба со претходникот С-400. Имено, новите типови ракети ќе овозможат борба со непријателските цели кои се наоѓаат во поблиската вселена. Новите можности на системот С-500 „Прометеј“ не ја исклучуваат можноста за соборување извидувачки сателити кои се движат во ниската орбита на Земјата.
Според првиот човек на државната корпорација „Ростех“ Сергеј Чемезов, фабричките испитувања на ПВО/ПРО-системот С-500 „Прометеј“ се завршени и веќе годинава првите дивизиони со ова, судејќи според сé, супериорно оружје може да влезат во вооружувањето на руската армија. Некои извори тврдат дека перспективниот противвоздухопловен и противракетен систем С-500 „Прометеј“ ќе се произведува во две варијанти - мобилна (самоодна) и влечна.
Во секој случај, се работи за еден од најенигматичните проекти на руската воена индустрија. Неговите официјални тактичко-технички карактеристики сè уште не се објавени никаде и секоја приказна за неговите основни показатели (дострелот на ракетите во далечина и висина, карактеристиките на радарско-набљудувачките и нишанските радари и сл.) сè уште претставува обична шпекулација.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче