Се појавија фотографии од прелет на Су-30 над американскиот носач на авиони CVN-71 „Теодор Рузвелт“

Американски морнари фотографираа прелет на „Сухои“ над палубата на носачот на авиони на нуклеарен погон „Теодор Рузвелт“ кој спаѓа во класата пловила „Нимиц“. Овој настан се случи во акваторијата на Јужното кинеско море, а во акцијата беа забележани и авиони-ловци Ф/А-18 „Супер Хорнет“.

На официјалната веб-страница на американската Воена морнарица се објавени фотографии кои прикажуваат прелет на Су-30МКМ на малезиското Воено воздухопловство над американскиот носач на авиони „Теодор Рузвелт“. Имено, повеќенаменските борбени авиони од руско потекло учествуваа во воена вежба организирана во содејство со американската борбена група предводена од носачот на авиони „Теодор Рузвелт“. Се одржа во водите на Јужното кинеско море.

Повеќенаменските борбени авиони од руско производство Су-30МКМ претставуваат основа на воздушната флота на ловечката авијација на малезиската армија. Ова на руските новинари им го соопшти извор од оваа земја на Меѓународниот саем за вооружување и воена опрема ЛИМА што се одржува во оваа земја.

Според него, во воздушните единици на оваа азиска земја во овој момент има два ескадрила повеќенаменски борбени авиони. Едната е опремена со американски ловци Ф/А-18 „Супер Хорнет“, додека другата се состои од руски летала Су-30МКМ. „Опременоста на овие две ескадрили нема да се менува во перспектива. Згора на тоа, во овој момент преземаме технички мерки насочени кон максимално продолжување на борбената употреба на овие летала, а се разгледува и можна модернизација на Су-30МКМ“, рече овој извор, без да ги открие техничките карактеристики на потенцијалниот пакет модернизација.

Извор од малезиските Вооружени сили рече дека во плановите за понатамошен развој на воздухопловните сили на оваа земја се предвидува постоење на две ескадрили повеќенаменски борбени авиони.

Според различни податоци, во рамките на малезиското Воено воздухопловство има вкупно 18 авиони Су-30МКМ. Тие беа набавени во Русија во периодот 2007-2009 година. При создавањето на оваа варијанта на леталото, основа беше индиската верзија на леталото која ја носи ознаката Су-30МКИ.

Су-30МКМ претставува повеќенаменско борбено летало специјално наменето за опремување на малезиските вооружени сили. Како што рековме, тоа е изведено на база на суперманеварбилниот авион-ловец Су-30МКИ. Оваа верзија има аналогна конструкција, модерни мотори со управливи вектори на потисок, како и нов компјутеризиран систем за управување. Разликата помеѓу верзиите на авионите МКИ и МКМ се состои во количината и видот на електронските компоненти што се интегрирани во двете летала.

Конкретно, што се однесува до малезиската верзија МКМ, француската компанија ТHALES интегрираше нишански индикатор (HUD), инфрацрвен систем за фронтално пребарување (NAVFLIR) и контејнер со ласерски озрачување на целта (LDP Damocles).

На борбеното летало се поставени сензори на јужноафриканската компанија AVITRONICS кои го детектираат неговото ласерско озрачување, вклучително и параметрите на приближување на ракета од класата „воздух-воздух“/„земја-воздух“. Во состав на сензорите испорачани од јужноафриканскиот производител се наоѓа и систем за радиоелектронски пречки. Тука се наоѓа и модерниот радар со фазирана антенска решетка (НИИП Барс) кој е во состојба истовремено да следи 15 и да дејствува врз 4 различни цели, како и оптоелектронска станица со ласерски далечиномер. Оваа опрема е од руско потекло.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња