„Бизнис Инсајдер“ ги набројува предностите на Воената морнарица на РФ во однос на НАТО

Reuters
Американците фасцинирани од модернизацијата на руската флота.

Американскиот портал „Бизнис Инсајдер“ посвети статија на модернизираната Воена морнарица на Русија. Авторот на прилогот истакнува дека по кризата во 1990-тите, на нашата земја делумно ѝ појде од рака да ја препороди моќната флота наследена од Советскиот Сојуз. Новата флота е помала од старата, но е модернизирана. Таа сега,  според податоците што ги изнесува „Бизнис Инсајдер“, брои околу 360 пловила од сите видови. Помалите ракетни крстосувачи и разурнувачи беа заменети со помали бојни бродови како корвети и фрегати.

„Тие главно градат подморници и помали бродови“, вели за „Бизнис Инсајдер“ Марк Кансијан, виш советник во Центарот за стратешки и меѓународни истражувања и поранешен полковник на морнаричката пешадија. „Тоа се пред сé сили на крајбрежната одбрана, иако можат да транспортираат и трупи во странство. Корветите од класата „Каракурт“ и „Стерегушчиј“ даваат поддршка на поголемите фрегати со наведувани ракети, како што се „Адмирал Горшков“ и „Адмирал Григорович“. Многу од тие бродови според габаритите се помали од сличните во НАТО, но сепак се во предност затоа што имаат нови технологии и ново вооружување, особено крстосувачката ракета „Калибар“. Таа ракета може да се спореди со американската „Томахавк“. Има боева глава тешка 450 килограми и дострел од 1500 до 2500 километри. „Калибар“ во повеќе наврати ја докажа својата ефикасност кога беше лансирана од бродови и подморници, особено врз копнени цели во Сирија. Може да се користи и против поморски цели.

Во функција се и бродови од повисока класа, наследени од СССР. Тие го потсетуваат целиот свет дека Русија и понатаму е голема военопоморска сила.

Па сепак, најголемата моќ на Воената морнарица на Русија, како и нејзината советска претходничка, е скриена под вода. Подморничката флота сега брои над 60 подморници, од кои 12 се нуклеарни подморници со балистички ракети и девет се нуклеарни подморници со крстосувачки ракети. Русија не се определи за изградба на мали подморници, иако тие се значително поевтини, пред сé со оглед на важноста што нуклеарното оружје ја има во руската одбранбена доктрина.

Подводната флота во иднина ќе биде заснована на подморниците од класата „Бореј“ и „Јасен“, кои постепено ги заменуваат претходните модели. Направени се по Студената војна и се смета дека тоа се најдобрите подморници што кога било ги имала Русија. Не заостануваат со ништо зад подморниците од ист ранг што ги поседува НАТО.

Подморниците од класата „Бореј“ имаат по шест торпедни апарати и по 16 нови балистички ракети РСМ-56 „Булава“. Секоја ракета има 6-10 нуклеарни боеви глави и дострел од околу 9000 километри. Подморниците од класата „Јасен“ имаат по 10 торпедни апарати и осум вертикални лансери од кои може да се лансираат крстосувачки ракети „Калибар“ или противбродски ракети П-800 „Оникс“.

Овие подморници докажаа дека можат долго да се кријат од радарите на НАТО. Во моментов Воената морнарица на Русија ги опремува своите пловила со ракети „Калибар“ и планира во иднина да ги вооружи со хиперсонични ракети „Циркон“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња