Руската армија влезе во режим на тотална проверка: само месецов се одржуваат 4 илјади воени вежби

Слободан Ѓукиќ
Само во текот на овој месец ќе бидат реализирани повеќе од 4 илјади воени вежби со различен интензитет и обем, соопштува руското Министерство за одбрана. Проверката ќе ги опфати сите видови и родови на руската армија.

Контролната проверка на борбената готовност на единиците на руската армија по зимскиот период на обука ќе се организира во органите на воената команда, здружените формации и единиците на руската армија. Ова го соопшти рускиот министер за одбрана, генерал на армија Сергеј Шојгу за време на состанокот со највисоките руски офицери.

„Во согласност со планот за обука во органите на воената команда, здружените формации и единиците на руската армија, започнува фазата на контролна проверка“, рече Шојгу. „Војската веќе излезе на полигоните и се подготвува за изведување тактички, тактичко-специјални и двострани воени вежби. Неопходно е да се постигне висок квалитет за време на реализацијата на контролните проверки и да се обезбеди непречено и безбедно движење на воените ешалони и борбената техника“, рече Шојгу, пренесува веб-порталот ТАСС.

Според информациите на Министерството за одбрана на РФ, само во месец април ќе се одржат вкупно 4048 воени вежби со различен обем и интензитет, од кои 812 ќе имаат билатерален карактер. Вежбите ќе се одржат на 101 воен полигон и во 520 објекти за обука и логистика.

Од Министерството за одбрана на РФ рекоа дека оваа проверка ќе ги опфати сите воени окрузи, вклучувајќи ги и единиците на Северната флота, како и единиците што се наоѓаат во најпасивните региони на Русија, како што се крајниот Север, Курилските острови и Камчатка.

Проверката ќе ги опфати сите видови и родови на руската армија.

 

 

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња