Руската морнарица добива уште една подморница што се одликува со екстремна бесшумност на пловидбата

Во Северноатлантската алијанса подморниците од оваа класа го добија називот „Црна дупка“ поради нивните исклучителни тактичко-технички способности кои вклучуваат пловење на големи длабочини, што предизвикува многу сложено детектирање на нивното присуство.

Бродоградилиштето специјализирано за подморници „Адмиралтејские верфи“ наскоро ќе ја спушти во вода големата дизел-електрична подморница Б-602 „Магадан“ која ќе влезе во вооружувањето на Тихоокеанската флота. Овој многу важен настан ќе се одржи на 26 март оваа година. Информацијата ја пренесе информативната служба на бродоградилиштето „Адмиралтејские верфи“.

„На 26 март 2021 година во АД „Адмиралтејские верфи“ ќе се одржи церемонијата на спуштање во вода на дизел-електричната подморница од класата 636,3 „Магадан“, се наведува во соопштението што го пренесува информативниот портал ТАСС.

Б-602 „Магадан“ е третата подморница од серијата подморници од класата 636.3 наменети за опремување на единиците на Тихоокеанската флота. Нејзината изградба започна на 1 ноември 2019 година. Денес степенот на техничката изграденост на подморницата е подигнат на повеќе од 80%  и во тек е завршната етапа за нејзино спуштање во вода.  Во моментов нејзиниот корпус се покрива со специјален премаз и гумена облога. После тоа следува фазата на завршно фарбање, а потоа издавање на стандардните сертификати за нејзина употреба.

Договорот за изградба на оваа подморница беше потпишан во септември 2016 година. Првата подморница „Петропавловск-Камчатски“ влезе во вооружувањето на руската Воена морнарица на 25 ноември 2019 година. Втората во серијата подморници од оваа класа „Волхов“ влезе во составот на Тихоокеанската флота на 24 октомври 2020 година.

Јуришните подморници од модернизираната класа 636.3 имаат значително поголема борбена ефикасност од подморниците изградени според основниот проект. Се карактеризира со екстремно низок шум за време на пловењето, способност за откривање непријателски цели на големи далечини, нов инерцијално-навигациски комплекс, силно торпедно-ракетно вооружување кое обезбедува сериозна предност кога станува збор за подморници од овој тип (серија подморници кои како свој погон не користат нуклеарни реактори).

Автономијата на движење на подморниците од класата 636.3 изнесува 45 дена, максималната длабочина на движење е 300 метри. Брзината на движење под вода изнесува 18 јазли, додека екипажот се состои од 52 членови на екипажот. Подморницата има шест торпедни апарати. Сите подморници од оваа класа имаат можност во своето вооружување да имаат крстосувачки ракети „Калибар-ПЛ“.

Конечно, подморниците од оваа класа учествуваа и во борбените операции во Сирија, кога врз објекти на терористите лансираа вакви ракети од водите на Средоземното Море. Овие дејствија беа квалификувани како многу успешни.

Подморниците од модернизираниот проект 636.3 се опремени со нови напаѓачко-навигациски уреди и најнов автоматизиран информациско-управувачки систем. Заедно со силното торпедно-ракетно вооружување (крстосувачки ракети „Калибар“), „Варшавјанка“ стана уште поубојно оружје кое може да оствари удари на долги растојанија поголеми од 1500 километри. Во Северноатлантската алијанса подморниците од оваа класа го добија називот „Црна дупка“ поради нивните исклучителни тактичко-технички способности кои вклучуваат пловење на големи длабочини, што предизвикува многу сложено детектирање на нивното присуство.

Неодамна неколку странски медиумски куќи објавија информација дека група воени бродови од составот на Северноатлантската алијанса во водите на Средоземното море одеднаш се сретнала со руска подморница од оваа класа. Конкретно, овие бродови оствариле контакт со дизел-електричната подморница Б-237 „Ростов на Дон“, која исто така припаѓа на класата 636.3 „Варшавјанка“. По краткотрајниот контакт оваа подморница едноставно исчезнала од радарските екрани, создавајќи чувство на немоќ кај екипажите на површинските бродови. И покрај организираното скенирање на морските длабочини, високосензитивните детектори што ги поседуваат бродовите на НАТО не успеале да ја пронајдат подморницата Б-237, која инаку се наоѓа во составот на Црноморската флота.

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња