На аеродромот во рускиот град Воронеж е фотографирано летало Ил-112В (евиденциски број RF-41400). Станува збор за експериментално летало коешто до крајот на оваа година ќе му биде предадено на руското Министерство за одбрана заради отпочнување на фазата на комплексни државни тестирања. Покрај ова летало, се работи и на комплетирање на уште едно од истиот тип, кое исто така ќе му биде доставено на руското Министерство за одбрана заради етапа на летечко-технички и експлоатациски тестирања.
Вороњеж: Савремени војно-транспортни авион Ил-112В (евиденцијски броа RF-41400). pic.twitter.com/wis16XQo9K
— Marsonline Борбени Ефективи (@gvozdenavolja) March 20, 2021
Се проценува дека тестирањето ќе биде реализирано до средината на 2022 година, по што ќе започнат подготовките за неговото сериско производство, планирано за 2023 година. Судејќи според интересот на странските воени претставници за овој авион, тој има исклучително висок извозен потенцијал.
Според зборовите на рускиот министер за наука и трговија Денис Мантуров, Ил-112В има модерен облик и поседува висок потенцијал за извоз. Во согласност со овие проекции, руските воздухопловни компании, на кои ќе им биде дадена задачата да организираат негово сериско производство, ќе треба да го создадат потребниот простор за производство на извозните верзии на овие летала паралелно со нарачките за потребите на руската војска. Проекцијата е дека руските воздухопловни капацитети во првата фаза на сериското производство ќе можат да „исфрлат“ до 15 вакви авиони на годишно ниво.
Министерот додаде уште една важна работа. Имено, вкупната маса на новиот воено-транспортен авион е намалена за околу 800 кг. Од врвот на компанијата ПАО „Ил“ рекоа дека при комплетирањето на експерименталните примероци на новиот авион е регистрирана нивна малку поголема маса. Генерално, се работи за стандардни проблеми кои се јавуваат при комплетирањето на прототипските летала. Што се однесува конкретно до воено-транспортниот авион Ил-112В, неговата маса треба да биде помала за околу 2000 кг. Инженерите на воздухопловната компанија „Ил“ веќе успеаја да го олеснат леталото за околу 800 кг со примена на полесни, но истовремено цврсти материјали, кои не го намалуваат квалитетот на конструкцијата на авионот.
Ил-112В претставува лесен воено-транспортен авион које е наменет за транспорт на товар со помал габарит, како и на жива сила. Максималната тежина на товарот што ќе го превезува овој авион нема да надминува 5 тони. Како и кај својот претходник (авионот Ан-26), станува збор за концепт на слободноносечки висококрилец кој ќе го придвижуваат два силни турбоелисни мотори. Силата на секој турбоелисен мотор ТВ7-117СТ кој ќе го движи овој авион ќе достигне 3000 коњски сили, што ќе обезбеди Ил-112В да достигнува брзина на летање од околу 550 км/ч и да пренесе група од 44 војници со полна борбена опрема на растојание од 2400 километри, без полнење гориво во воздухот.
Основните барања за време на неговата конструкција беа да се добие апарат кој ќе може да користи куси аеродромски писти, вклучувајќи и принудно слетување на полетно-летни ленти кои воопшто не се бетонирани (пустини, ливади, ниви). Исто така се инсистираше да се добие летало кое ќе биде мошне лесно за одржување, а кое ќе се одликува со висок степен на техничка издржливост за време на експлоатацијата со работен век од речиси 35 години (45000 работни часови или околу 30000 полетувања).
Авионот покрај стандардната воена верзија која ќе обезбеди сигурен и комфорен превоз на различна воена техника, борбен товар, војници со целосна борбена опрема и слично, ќе има и цивилна варијанта за превоз на класични патници (верзија со ознака –Т).
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче