Руската Воена морнарица најави опремување на нуклеарните подморници со нови системи на оружје

Владимир Сајапин /TASS
Рокот на употреба на веројатно најбројните повеќенаменски нуклеарни јуришни подморници кои се наоѓаат во составот на руската Воена морнарица (класата пловила 949А и 971) ќе биде продолжен за дури два пати. Ова ќе се постигне со нивен капитален ремонт и модернизација која вклучува ново вооружување и нови системи на електронска опрема, истакна командантот на ВМФ на РФ адмирал Николај Евменов во пресрет на Денот на подморничарот.

Со цел да се подобри квалитетот на нивното ударно вооружување, ќе бидат употребени системите со крстосувачки ракети „Калибар“, како и перспективните хиперсонични ракети „Циркон“, кои во моментов се во фаза на развој. На овој начин, работниот век на овие подморници ќе се продолжи на 30 години.

„Ние ќе продолжиме со проектот за ремонт и модернизација на нуклеарните подморници од класите 949А и 971. Можам со голема сигурност да кажам дека овие подморници ќе имаат изменети способности благодарение на примената на ново вооружување и електронска опрема. Тоа ќе ја зголеми ефикасноста на употребата на овие подморници во услови на современо опкружување во светските океани. Во согласност со тоа, и животниот век на подморниците од класите 949А и 971 ќе биде удвоен“, рече адмирал Евменов во интервју за весникот „Краснаја Звезда“.

Рускиот адмирал истакна дека целиот процес е наголемо во тек со учество на проектно-конструкторски заводи и бродоградежни ремонтни постројки, пренесува веб-порталот РИА „Новости“.

„Нивниот висок потенцијал за унапредување со уникатните технолошки решенија што ќе се употребат во процесот на ремонт и модернизација ќе го подигнат нивото на почит кон подморниците од оваа класа“, рече командантот на руската Воена морнарица.

Нуклеарните подморници од класата 949А „Антеј“ (НАТО -кодификација - Oscar-II) имаат депласман од 24 илјади тони. Нивната должина е 154 метри, додека ширината на корпусот е 18 метри. Тие се во состојба да развијат брзина од 32 јазли под вода и да нурнат на длабочина од 600 метри. Нивната основна намена е борба против површински воени бродови, поточно ударни поморски групи предводени од носачи на авиони. Тие се вооружени со противбродски суперсонични ракети П-700 „Гранит“, вклучително и разни видови торпеда. Петербуршката бродоградежна постројка „Рубин“ разви проект за довооружување на нуклеарните јуришни подморници од класата 949А „Антеј“ со новите ударни системи „Оникс“ и „Калибар“.

Последната подморница од оваа класа кај која беше извршен капитален проект за ремонт и модернизација ја носи ознаката К-186 „Омск“. Таа им се приклучи на единиците на Тихоокеанската флота кон средината на 2019 година. Се проценува дека модернизираната подморница „Омск“ наместо 24 ракети П-700 „Гранит“ ќе носи понапредни противбродски суперсонични ракети П-800 „Оникс“ и тоа во количина од 72 парчиња. Не е исклучено овој ракетоносец да биде вооружен и со подморничката верзија на супсоничната крстосувачка ракета „Калибар“ со дострел од 2500 км. Покрај подморницата со ознака К-186 „Омск“, уште четири други пловила од оваа класа ја поминаа програмата за ремонт и модернизација: К-410 „Смоленск“, К-465 „Твер“, К-226 „Орел“ и К-150 „Томск“.

Во моментов во фаза на капитален ремонт и модернизација во бродогражната постројка „Ѕвезда“ се уште две подморници од оваа класа: К-132 „Иркутск“ и К-442 „Челјабинск“. Крајот на овој многу сложен процес е планиран за крајот на 2022 година (К-132 „Иркутск“) и 2023 година (К-442 „Челјабинск“).

Што се однесува до класата нуклеарни јуришни подморници 971 (кодна шифра Штука-Б, НАТО - Акула), тоа се средства специјализирани за борба против други подморници (ловец), вклучително и површински воени бродови, како и дејствија против непријателски копнени цели. Едно од главните барања за време на нивното проектирање беше да бидат „нечујни“ за акустичните уреди на непријателот, да создаваат исклучително низок шум за време на своето движење.

Проект 971 „Штука-Б“.

Во текот на последните две децении од минатиот век во Северодвинск беше изградена и серија подморници од оваа класа, која уште се нарекува и „серија ѕверови“ која се состои од подморниците „Барс“, „Пантера“, „Леопард“, „Вепар“, „Тигар“ и „Волк“. Подморниците од класата 971 исто така се градеа во бродоградилиштата во Космомолск на Амур (денешен „Амурски бродоградежен завод“ – рус. Амурский судостроительный завод).

Кон средината на 2020 година се реализираше проектот за капитален ремонт и модернизација на нуклеарната јуришна подморница К-157 „Вепар“, која влезе во оперативниот состав на руската воена морнарица. Најновата модернизација на овие пловила вклучува интеграција на комплексот „Калибар“, кој е најновиот тип крстосувачки ракети во арсеналот на руската армија и кој имаше своја борбена примена. Поморската верзија на оваа ракета со ознака „Калибар-ПЛ“ беше тестирана во реални борбени услови во Сирија, кога од водите на Средоземното море врз терористички цели дејствуваше јуришната подморница Б-237 „Ростов на Дон“. Ракетата успешно го погоди зададениот објект на растојание од над 1000 км.

Покрај ова вооружување, подморниците од оваа класа носат и до 40 торпеда со калибар 533 и 650 мм, како и ракетен систем со краток дострел „Стрела-3М“ за директна одбрана од непријателски авиони и хеликоптери.

Особено се издвојуваа специјалните противподморнички ракети-торпеда „Ветер“ и „Водопад“, кои покрај класичните, се опремени и со атомски боеви глави. Сето ова ѝ го даде епитетот на вистински „ловец на волци“ (непријателски подморници).

Што се однесува до пловилата објекти од класата 971, досега, покрај горенаведената К-157 „Вепар“, уште три подморници ја поминаа фазата на ремонт и модернизација: К-419 „Кузбас“, К-317 „Пантера“ и K-335 „Гепард". Во моментов во рамките на руските бродоградежни компании специјализирани за изградба на подморници, се работи на капитални проекти за ремонт и модернизација над уште шест подморници од оваа класа: К-391 „Братск“, К-331 „Магадан“, К -295 „Самара“ К-461 „Волк“, К-328 „Леопард“ и К-154 „Тигар“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња