Што сé можеме да очекуваме од рускиот амфибиски јуришен брод на иднината

АО «Невское проектно-конструкторское бюро»
Се проценува дека овој модуларен амфибиски јуришен брод ќе може да носи и до 50 различни борбени и транспортни летала (повеќенаменски борбени авиони и воено-транспортни хеликоптери). Се очекува бродот да биде заситен со разни роботизирани мултифункционални системи со кои ќе управуваат напредни форми на вештачка интелигенција.

Во март 2021 година Русија започна со изградба на својот нов амфибиски јуришен брод наречен „Варан“. Тоа е всушност носач на авиони, кој се карактеризира со висок степен на автоматизација и можност за употреба на роботизирани системи. Тој е способен да носи до 24 повеќенаменски борбени авиони, шест хеликоптери и околу 20 беспилотни летала.

„Во рамките на воздухопловната ударна група „Варан“ се планира да се најдат морнаричките/палубни верзии на повеќенаменските ловци МиГ-29К и нивните модификации, како и следните генерации перспективни борбени авиони со вертикално полетување и слетување“, соопшти информативната служба на компанијата што работи на овој проект.

Се проценува дека овој амфибиски јуришен брод ќе може да носи и до 50 различни борбени и транспортни летала (повеќенаменски борбени авиони и воено-транспортни хеликоптери).

Инженерите за развој кои работат на проектот „Варан“ истакнуваат дека „на бродот ќе бидат имплементирани напредни роботизирани системи, кои ќе бидат интегрирани во единствен борбен контролно-информациски систем“. Во овој момент не се познати детали за евентуална примена на вештачка интелигенција, што секако ќе биде важен сегмент при хардверската надградба на овие системи.

Депласманот на овој брод ќе изнесува околу 45 илјади тони. Неговата должина ќе достигнува 250 метри, а ширината на трупот на бродот ќе биде 65 метри. Максималниот газ ќе изнесува 9 метри. Бродот ќе може да достигне максимална брзина од 26 наутички милји, што е еквивалентно на 50 км/час.

Основни карактеристики на бродот

„Главната карактеристика на бродот лежи во неговата модуларност. Врз основа на основниот проект можете да креирате неколку видови капитални површински пловила со различна намена, како што се носач на авиони, брод-амфибија, транспортен или болнички брод, па дури и специјализиран брод за поддршка во Арктичката зона“, вели Дмитриј Литовкин, главен уредник на руското списание „Независна воена ревија“.

Тоа им овозможува на руските инженери, не само на армијата, туку и на глобалните наутички корпорации, да понудат комерцијален брод, способен за транспорт на гас и нафтени суровини ширум планетата, вклучувајќи ја и Арктичката Северна поморска рута.

„Цената на бродот, како и неговата софистицираност со примена на елементи на вештачка интелигенција и роботизирани компоненти, и понатаму се чуваат во тајност. Овие специфични карактеристики веројатно ќе бидат откриени кога бродот ќе се приклучи на руската флота. Се очекува тоа да се случи пред крајот на оваа деценија“, посочува експертот.

Странски конкуренти

„Во овој момент, овој брод нема директен ривал, бидејќи ниту една од бројните проектантски компании за изградба на бродови ширум светот сè уште нема осмислено сличен модуларен концепт што ќе им овозможи на своите корисници брза пренамена на бродот врз база на неговата основна платформа“, забележува Артур Шаихудинов, воен аналитичар на руската новинска агенција ТАСС.

Кога ќе се погледне вкупниот депласман на бродот, тука „Варан“ е сличен на американскиот амфибиски брод од класата „Америка“. Во моментов Воената морнарица на САД има два оперативни брода од оваа класа - „Америка“ и „Триполи“, уште еден брод од оваа класа „Бугенвил“ се наоѓа во фаза на изградба.

Овие амфибиски јуришни бродови ги одликува колосална цена за една изградена единица, која достигнува 3,3-3,4 милијарди американски долари.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња