Русите интензивно работат на создавање оперативно-тактички модел на сопствена „златна орда“

Слободан Ѓукиќ
Руските конструктори интензивно работат на создавање ударни беспилотни летала со голема брзина кои ќе имаат функција да управуваат „рој“ ударни дронови и дронови-камикаѕе. Имено, ударно беспилотно летало со голема брзина „Гром“ развиено од тимот инженери на компанијата „Коронштад“, покрај напредни ударни карактеристики ќе има и функција на оперативно управување со група од 10 ударни беспилотни летала „Молња“.

Перспективното ударно беспилотно летало со голема брзина „Гром“ ќе има способност истовремено да управува со 10 ударни дронови „Молња“. Ова за веб-порталот ТАСС го изјави неименуван извор од рускиот военоиндустриски комплекс.

„Беспилотното летало „Гром“ развиено од тим инженери на компанијата „Кронштат“, покрај напредни ударни карактеристики, ќе има и функција да управува со група од 10 ударни беспилотни летала „Молња“, изјави соговорникот на овој информативен портал.

Притоа тој прецизираше дека претходно проектот за ударни беспилотни летала „Молња“ го носеше називот „Пирана“. Во меѓувреме агенцијата ТАСС не успеа да добие потврда на оваа информација од официјални извори.

Основната намена на перспективното ударно беспилотно летало со голема брзина „Гром“ ќе биде борбена употреба во предниот ешалон на силите што настапуваат, детекција и неутрализирање на системите за противвоздухопловна одбрана на условниот непријател, напад со високопрецизно оружје врз копнени и поморски цели на непријателот во тактичката и оперативно-тактичката длабочина на фронтот, како и реализација на операции за надзор и извидување.

Распонот на крилата на ударното беспилотно летало со голема брзина „Гром“ е 3,8 метри, додека неговата должина е околу 13,8 м. Полетната маса достигнува 7 тони, а количината на убојни средства која може да се монтира на леталото е до 1,3 тони. Со таа цел на леталото ќе бидат инсталирани четири точки на кои ќе се закачува убоен товар (две поткрилни и две во трупот на леталото). Максималниот долет на ова летало ќе изнесува 800 км. Други летечко-технички и тактички карактеристики на ова беспилотно летало засега не се познати.

Беспилотното летало „Гром“ ќе има широка гама различни убојни средства кои ќе се одликуваат со голема разорна сила и прецизност на дејство. Тука ќе се најде новата наведувана ракета од класата „земја-воздух“ со кодно име „производ 85“, потоа „паметните“ воздухопловни бомби КАБ-250 и КАБ-500 и слично.

Што се однесува до беспилотното летало „Молња“, тоа ќе може да се лансира од воздухопловна платформа (авион). Неговата основна задача ќе биде продор низ системот на непријателската противвоздухопловна одбрана, поточно концентриран удар врз неговите електронски системи во тесна координација со стандардните летала специјализирани за противелектронско војување. Исто така, конструкторите на руската компанија предвидуваат употреба на ова беспилотно летало и при наведување на високопрецизни убојни средства врз одбрани цели.

Леталото ќе има можност за лансирање од различни воздухопловни платформи. Ќе можат да го употребуваат леталата на јуришната авијација но и воено-транспортните авиони на ВКС, од надворешни или внатрешни носачи што се наоѓаат во отсеци склопени во трупот на леталото (како што е случај Су-57). „Молњата“ ќе може да ја употребува и тешкиот ударен дрон С-70 „Охотник“.

Повеќенаменскиот комплекс на беспилотното летало за групно содејство „Молња“ се состои од повеќе мали беспилотни апарати кои имаат форма на крстосувачка ракета со издолжено тело, склопливи крила и ракетен мотор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња