Производството на руската вакцина „Спутник V“ во Србија почнува до 20 мај

Xinhua/Global Look Press
Министерот за иновации на Србија Ненад Поповиќ изјави за „Танјуг“ дека руската вакцина против коронавирус „Спутник V” ќе почне да се произведува во Србија на институтот „Торлак“ до 20 мај. „На тој начин Србија ќе биде првата земја во Европа што ќе ја произведува руската вакцина и ќе може да ја извезува во цела Европа“, нагласи Поповиќ.

Тоа е, како што изјави српскиот министер, потврдено на состанокот во Москва со неговиот руски колега, министерот за индустрија и трговија Денис Мантуров, на кој е потврдена патната мапа за организација на производството на руската вакцина во Србија.

Министерот изјави дека во изработката на патната мапа учествувале најкомпетентните институти од Русија, пред сé, „Гамалеја“, институтот што ја создаде вакцината „Спутник V”, како и Рускиот фонд за директни инвестиции, руското Министерство за индустрија и трговија и фабриката „Гемериум” од Владимирската област, од која Србија денес го добива најголемиот број вакцини.

„Кога станува збор за количините, ова е првата фаза, во која ќе бидат произведени четири милиони вакцини“, рече Поповиќ.

На состанокот на српскиот претседател Александар Вучиќ со заменик-претседателот на руската Влада Јуриј Борисов на 15 февруари во Белград беше издаден налог во рок од месец дена да се подготви Патна мапа за воспоставување на производството на руската вакцина во Србија.

„Го направивме тоа и пред зададениот рок“, рече Поповиќ, пренесува „Танјуг“.

Тој наведе и дека до крајот на март ќе биде потпишана Спогодба за трансфер на технологии со руските партнери, а до 16 април во Србија би требало да пристигнат помали количини на супстанцата од која ќе бидат направени валидациските серии на вакцината во Институтот „Торлак“.

„Овие валидациски серии, во рок од неколку дена, ќе бидат испратени назад во Русија на анализа што ја спроведува реномираниот Институт „Гамалеја”, објасни Поповиќ.

Тоа испитување трае 21 ден, а по потврдата на нивната исправност, руската страна започнува со регуларна испорака на поголеми количини на супстанцата што се користи за производство на вакцините во Србија.  

Поповиќ истакна дека „првата фаза” на производство на руската вакцина во Србија подразбира транспорт на супстанцата, полнење на шишенцата согласно највисоките технолошки стандарди, пакување и дистрибуција на вакцините во Србија и регионот.

„По воспоставувањето на првата фаза на производството, започнуваме со изработка на Физибилити-студија за производството во таканаречен „полн циклус“ кој подразбира производство на супстанцата во Србија. Тоа ќе бара набавка на сложена технолошка опрема и проширување на прозводствените капацитети на „Торлак“, но веруваме дека производството во полн циклус може да биде започнато до крајот на оваа година“, рече Поповиќ.

Тој им се заблагодари на руските партнери за помошта во локализацијата на производството на вакцината „Спутник V“ во Србија.

„Ова е историски момент за Србија. Со помош на нашите руски браќа го обновуваме српскиот суверенитет во производството на вакцини, во што нашата земја некогаш беше еден од лидерите во Европа“, рече Поповиќ.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња