АКТУЕЛНО: Руските конструктори започнаа проект за развој на нова хиперсонична ракета „Гремлин“

Виталиј В. Кузмин/www.vitalykuzmin.net
Рускиот военоиндустриски комплекс интензивно работи на развој на нова хиперсонична ракета. Целиот проект се реализира под името „Гремлин“. Првото летечко-техничко тестирање на новото хиперсонично оружје е планирано за 2023 година. Главните платформи што ќе го носат ова убојно вооружување ќе бидат Су-57, Су-35 и Су-30СМ, иако може да сметаме и на тешките ударни дронови С-70 „Охотник“ и „Алтиус“.

Судејќи според сé, новата ракета претставува понатамошна еволуција на ракетата „Циркон“. Меѓутоа, таа според своите димензии ќе биде значително помала во однос на неа. Ова ќе ѝ овозможи да се лансира и од летачки борбени платформи. Всушност, постојат извесни проекции дека новата ракета ќе биде од класата „воздух-земја/вода“.

Тактичко-техничките карактеристики на ракетата засега се непознаница. Она што е познато е дека таа ќе биде помала во однос на сите досегашни хиперсонични проектили што се наоѓаат во оперативното вооружување на руската армија (ракета „Кама“) и речиси оперативните (ракетата „Циркон“). Според димензиите таа ќе биде прилагодена за употреба не само од ловци-пресретнувачи МиГ-31К и стратешки бомбардери, туку и од авиони на тактичката авијација, како што се повеќенаменските авиони-ловци Су-57, Су-35 и Су-30СМ (генерација 5, 4 ++ и 4+). Ова исто така треба да се вклучат и развојните проекти на тешките ударни беспилотни летала С-70 „Охотник“ и „Алтиус“ како потенцијални корисници на перспективната хиперсонична ракета „Гремлин“.

Претпоставка е дека оваа ракета би можела да оствари дострели од 1300-1500 км и дека на својата траекторија би летала 6 пати побрзо од брзината на звукот.

Во согласност со документите на руското Министерство за одбрана, опитно-конструкторската работа за развој на новата хиперсонична ракета започнала во 2018 година по потпишувањето на заеднички договор со корпорацијата „Тактички ракетно вооружување“ (скр. рус. КТРВ) . Државното тестирање на хиперсоничната ракета „Гремлин“ е проектирано за 2023 година.

Во моментот руските ракетни инженери интензивно работат на изработка на нејзиниот набојно-млазен мотор на кој му е даден работниот назив „изделие 70“ (производ 70). Главната работа ја презеде компанијата ТКМБ „Сојуз“ (Тураевско машиноградбено конструкторско биро). Се проценува дека новиот мотор ќе ѝ обезбеди на оваа ракета ефективен дострел до 1500 км и дека на својата патека таа ќе може да оствари максимална брзина преку 7200 км/ч.

Во последно време се појавија информација дека се вршат интензивни летечко-технички испитувања на повеќенаменските ловци од петтата генерација Су-57, при кои тој носи различни видови макети (во природна големина) кои одговараат на димензиите и обликот на перспективна хиперсонична ракета. Се претпоставува дека новата ракета „Гремлин“, благодарение на своите димензии, ќе може да се смести во ракетниот отсек што се наоѓа во внатрешноста на трупот на леталото.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња