Русија повторно произведува револверски сачмарки

Vitaly V. Kuzmin/vitalykuzmin.net
Овие уникатни сачмарки со пет патрони со ротирачки барабан наскоро повторно ќе го преплават пазарот на ловечко оружје, како што тоа се случи на почетокот на 2000 година.

Руската коропорација „Ростех“ соопшти на почетокот на март дека планира враќање на револверската сачмарка МЦ-255 на пазарот на оружје.

Тоа ќе биде сачмарка со пет патрони со калибар 12 за цивили која ефикасно погодува цели на растојание од 100 метри.

„Таквите системи за револвери првпат се појавија во американската граѓанска војна. Првите пушки од тој тип ги направи корпорацијата „Колт“. Меѓутоа, овој вид оружје не беше популарен во американската војска поради некои недостатоци во конструкцијата. Денес таквото револверско оружје е само маркетиншки потег чија цел е да привлече нови корисници во ловџиските кругови или им овозможува на ловците пополнување на своите арсенали “, изјави за порталот Russia Beyond главниот уредник на магазинот „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски.

Тој додаде дека денес таквите револверски сачмарки во САД може да се најдат во музеи или приватни колекции на оружје. „Странските корисници избираат полуавтоматски или Pump Action сачмарки наместо револверски. Затоа може да се каже дека руската МЦ-255 е единствената пушка од својот вид“, потенцира Мураховски.

Предности и маани на руските револверски сачмарки

„Во Русија такви револверски пушки првпат се појавија на почетокот на 2000-тите. Сепак, MЦ-255 поради разни економски и маркетинг причини беше повлечена од производството. Денес економската состојба во Русија и целиот свет постепено се нормализира и оружарите сметаат дека дојде време за препород на новите видови оружје“, заклучува експертот.

Александар, еден од сопствениците на првите револверски пушки MЦ-255, вели дека ова оружје е подобро избалансирано во споредба со двоцевките или полуавтоматските пушки.

„Тежиштето на пушката е точно на барабанот и кога ја држите товарот се распределува рамномерно на двете раце. Со оружјето лесно се ракува и покрај значителната тежина. Пушката е тешка околу 3,5 килограми“, вели ловецот.

Механизмот за стрелба е долг и истовремено мазен, што создава пријатно чувство при пукање. Пушката лесно може да се расклопи за една минута, и тоа без вежбање. Целиот механизам за стрелба се извлекува, што е многу добро за одржување на оружјето.

„Нема ситни делови што можат да се изгубат, нема физички напор за време на склопувањето. Сè е многу едноставно и лесно“, објаснува Александар.

А сега за недостатоците. Мора да користите скапа муниција со висок квалитет поради чувствителниот механизам за стрелба. Патронот со слаб квалитет може да биде „изџвакан“ за време на лов.

„Полнењето на пушката одзема многу време. Патроните се вадат од барабанот со прст или прачка за чистење на цевката. Барабанот силно кликнува кога се отвора, што може да го исплаши дивечот“, заклучува Александар.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња