Министерот Шојгу откри кога ќе го видиме „Армата“ во арсеналот на руските тенковски единици

Слободан Ѓукиќ
Рускиот министер за одбрана изјави дека освен основни борбени тенкови Т-14, на армијата ќе ѝ бидат испорачани и борбени возила на пешадијата Т-15, како и ремонтно-евакуациски машини Т-16 направени врз база на платформата на гасеници „Армата“.

Експериментален контингент тенкови, борбени возила на пешадијата и ремонтно-евакуациски возила на гасенична платформа „Армата“ ќе им биде испорачан на единиците на руската армија следната година, рече министерот за одбрана на Руската Федерација, генерал на армија Сергеј Шојгу. Тој го изјави ова на редовната конференција на која учествуваат луѓе од Министерството за одбрана и највисоките командни структури (Генералштабот) на руската армија.

„Наредната 2022 година имаме во план опремување на руската армија со опитно-експериментален контингент основни борбени тенкови Т-14 „Армата“, борбени возила на пешадијата Т-16 и ремонтно- евакуациски возила Т-16“, изјави рускиот министер, пренесува агенцијата ТАСС.

Тој додаде дека во овој момент активно се вршат државни тестирања на експерименталните модели оклопна техника базирана на гасеничната платформа „Армата“. Според него, овие оклопни средства според рејтингот ги заземаат водечките позиции кога станува збор за овој вид борбена техника.

Генералниот директор и главен конструктор на Уралското проектантско биро за транспортно инженерство (дел од државната корпорација „Уралвагонзавод“ од составот на „Ростех“) Андреј Терликов за време на Меѓународниот саем на современо оружје и борбена техника IDEX-2021 потврди дека првиот контингент основни борбени тенкови Т-14 ќе им биде испорачан на руските оклопно-механизирани единици во 2022 година. Тој за новинарите изјави дека овие тенкови ќе бидат опремени со нова генерација тенковска муниција и додаде дека „развојот на нова муниција за „Армата“ е работа на „Росатом“ - компанија во која е концентрирана научната елита и која претставува нејзин најголем ресурс. Целиот проект се одвива во строга синхронизација со динамиката на развој на тенкот. Според тоа, првиот контингент со „Армата“ ќе има нова муниција“, рече генералниот директор и главен конструктор на Уралското проектантско биро за транспортно инженерство.

На неодамна завршениот Меѓународен военотехнички саем IDEX-2021 беше реализирана првата демонстрација на основниот борбен тенк од новата генерација Т-14 „Армата“ надвор од границите на Руската Федерација. Овој тенк беше прикажан на јавноста за прв пат за време на воената парада (Денот на Победата) што се одржа на 9 мај 2015 година. Во 2019 година тенкот ги помина сите фабрички тестирања.

Најновиот производ на концернот „Уралвагонзавод“ ги надминува практично сите тенкови што сериски се произведуваат во Русија, но и во странство, практично во сите карактеристики. Неговата главна борбена карактеристика е навистина високиот степен на заштита која се состои од пасивна и активна оклопна заштита, која нема тековен пандан во светот, потоа одличната подвижност и проодност, како и големата огнена моќ. Основното вооружување на тенкот е новата генерација тенковски топ со калибар 125 мм, со перспективна муниција и дигитализиран систем за управување со огнот. Сите „работни“ места на кои се наоѓаат членовите на екипажот се покриени со видео-камери и друга сензорика. Исто така, при неговата изработка се користеше технологија за редукција на термичката и радарската рефлексија на тенкот, со што се добија високи „стелт“ карактеристики на тенкот.

Главната намена на овој тенк е зголемување на ударната моќ на оклопно-механизираните единици на руската армија, борба против тешки оклопни цели на непријателот, неговите фортификациски елементи во рамките на фронтот и утврдена жива сила.

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња