Тоа беше 1973 година, кога Советите го најавија својот најскап и најголем проект во освојувањето на вселената - „Буран“. Бродот за повеќекратни летови во вселената требаше да биде нешто како денешниот „Crew Dragon“ на Илон Маск. Но, амбициозниот проект бараше ништо помалку амбициозна инфраструктура. Меѓу другото, се поставуваше прашањето: како тешкиот „Буран“ и носачот на ракети да се префрлат од фабриките до космодромот Бајконур во казахстанската степа?
Станува збор за тоа дека во времето кога „Буран“ беше направен и подготвен за тестирања сé уште не постоеше тежок транспортен авион. Имено, „Мрија“, најголемиот авион на светот, сé уште беше во фаза на проект.
Не беше реално сите технички процеси да се извршат во близина на космодромот, со оглед на тоа дека вселенската индустрија беше расфрлана ширум земјата. Превоз со железница исто така не доаѓаше предвид поради големината на возовите и екстремните димензии на товарот, а превозот по вода беше прескап.
Затоа на почетокот на 80-тите се појави идејата да се направи привремен тежок транспортен авион за превоз на „Буран“. Беше одлучено да биде изработен врз база на транспортната верзија на првиот советски стратешки бомбардер 3М-Т, кој веќе повеќе од 30 години го обезбедуваше нуклеарниот паритет на СССР и САД.
Заради тоа беше модифициран и му беше сменето името во „ВМ-Т Атлант“. Неофицијално беше наречен „летечко буре“, поради трупот над кој се прицврстуваше тркалезен товарен контејнер.
Меѓутоа, максималната тежина што можеше да ја земе на своите „плеќи“ беше 50 тони, што беше помалку од тежината на склопен „Буран“. Затоа од тој момент требаше да се симне дел од опремата за да му се намали тежината на 45 тони.
Требаше во иднина до Бајконур да се превезуваат товари тешки до 200 тони, а дури и 50 тони веќе предизвикуваа сомнеж. Се работеше, имено, за авион кој не беше специјално проектиран за таа задача.
Големиот товар на „плеќите“ на „Атлант“ силно влијаеше на неговата аеродинамика. Затоа сите пробни летови беа одржани со голема неизвесност. За секој вид товар се одредуваше неговиот најдобар распоред на трупот и се пресметуваше стабилноста на авионот. Многумина мислеа дека таквата џиновска конструкција воопшто нема да полета.
Па сепак, „Атлант“ се покажа добро и од 1981 година почна успешно да превезува товари. Постоеја вкупно два авиона кои изведоа околу 150 пробни и комерцијални летови.
Патем, „Атлант“, кој беше замислен како привремена варијанта за превоз на „Буран“, на крај беше неговиот единствен „превозник“. Вселенската програма „Енергија-Буран“ беше стопирана 1993 година. „Буран“ притоа само еднаш одлета во вселената. Додека летечкиот космодром „Мрија“ никогаш не ја вршеше својата првобитна намена, туку беше користен за мошне неочекувани задачи како превоз на жирафи или јахти на шпанскиот крал.
А двата „Атланти“ оттогаш останаа без работа. Еден примерок се наоѓа на аеродромот кај Рјазањ, а вториот во градот Жуковски кај Москва, од каде повремено оди на Московскиот меѓународен аерокосмички салон (МАКС) како статичен експонат.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче