Ова на руските новинари им го пренесе неименуван извор од рускиот воено-индустриски одбранбен комплекс, пренесува веб-порталот anna-news.info.
Компанијата „Кронштат“ подготви скица на идниот проект за повеќенаменското борбено летало за групно содејство „Молња“. Беспилотното летало ќе се лансира од воздухопловна платформа (авион). Неговата основна задача ќе биде продор низ системот на непријателската противвоздухопловна одбрана, поточно концентриран удар врз неговите електронски системи во тесна координација со стандардните летала специјализирани за противелектронско војување. Исто така, конструкторите на руската компанија предвидуваат употреба на ова беспилотно летало и при наведување на високопрецизни убојни средства врз одбрани цели.
Во блиска иднина се планира почеток на опитно-конструкторската работа над проектот за изработка на експериментално беспилотно летало „Молња“.
„Леталото ќе има можност за лансирање од различни воздухопловни платформи. Ќе можат да го употребуваат леталата на јуришната авијација но и воено-транспортните авиони на ВКС, од надворешни или внатрешни носачи што се наоѓаат во отсеци склопени во трупот на леталото (како што е случај Су-57). „Молњата“ ќе може да ја употребува и тешкиот ударен дрон С-70 „Охотник“, напоменува неименуваниот извор.
Повеќенаменскиот комплекс на беспилотното летало за групно содејство „Молња“ се состои од повеќе мали беспилотни апарати кои имаат форма на крстосувачка ракета со издолжено тело, склопливи крила и ракетен мотор.
Неодамна истата компанија го претстави и проектот за развој на перспективниот тежок ударен дрон со голема брзина „Гром“. Главната намена на ова беспилотно летало е негова борбена употреба во предниот ешалон на силите што настапуваат, детекција и неутрализирање на системите за противвоздухопловна одбрана на условниот непријател, напад со високопрецизно оружје врз копнени и поморски цели на непријателот во тактичката и оперативно-тактичката длабочина на фронтот, како и реализација на операции за надзор и извидување.
Распонот на крилата на ударното беспилотно летало со голема брзина „Гром“ е 3,8 метри, додека неговата должина е околу 13,8 м. Полетната маса достигнува 7 тони, а количината на убојни средства која може да се монтира на леталото изнесува два тона. Другите летечко-технички и тактички карактеристики на ова беспилотно летало засега не се познати.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче