Остатоци од јакутски коњ стари 4450 години ќе фрлат ново светло врз еволуцијата на вирусите

Нина Слепцова/Североисточен федерален универзитет во Јакутск
Фасцинантно добро зачувани остатоци од древни животни, пронајдени во далечната Јакутија, ќе им дадат на научниците можност да ја разоткријат историјата на вирусите и да започнат развој на палеовирологијата во Русија.

Пилот-истражувањата се вршат како дел од соработката меѓу Далекоисточниот федерален универзитет во Јакутија и Научниот центар за вирологија и биотехнологија „Вектор“ во Сибир (креатор на една од руските вакцини против коронавирусот по име „ЕпиВакКорона“).

Предизвикот е „да се пронајдат нови, непознати микроорганизми и да се проучи еволуцијата на веќе познатите бактерии и вируси“, објаснува руската Федерална агенција за надзор во сферата на заштита на правата на потрошувачите и доброто на човекот „Роспотребнадзор“ во своето соопштение за Russia Beyond.

Научниците го почнаа истражувањето со анализа на остатоците на верхојанскиот коњ кој живеел пред околу 4450 години, а беше пронајден 2009 година на североистокот на Јакутија. Ова животно, кое постои и денес, одамна е познато по тоа што добро се прилагодило на условите на екстремен студ на Далечниот Исток на Русија. Целото време го поминува на отворено и не му пречи ни температура од -60°C ниту жега од +40°C, всушност, му одговараат сите временски услови.

„Токму благодарение на специфичните климатски и географски услови микроорганизмите преживеале во пермафростот на територијата на Република Саха (Јакутија). Ова истражување ќе ни овозможи да добиеме повеќе информации за структурата на нивните геноми, да ја следиме нивната еволуција и да предвидиме можни варијанти на измена на нивните биолошки карактеристики“, се наведува во соопштението.

Анализата на биолошкиот материјал на верхојанскиот коњ е прва на листата, со оглед на тоа што геномот на ова древно животно е целосно дешифриран. Истражувачите многу детално ќе проучат примерок на мекото ткиво на коњот за да се обидат да пронајдат различни видови микроорганизми и бактерии кои се наоѓаат таму и да ги откријат промените во нивниот геном.

Потрага по палеовируси

Остатоците од праисториски животни откриени во вечниот лед на Јакутија се наоѓаат во Музејот на мамутот. Повеќе од 20 видови древни животни грижливо се чуваат во специјални замрзнувачи на температура од -18°C. Речиси сите примероци на големите животни од епохата на квартарот (најмладиот период на кенозоикот) се откриени од стручњаци на Музејот на мамутот.

Одреден број животни од таа епоха ќе се најдат под микроскоп, вклучувајќи ги и остатоците на изумрени мамути, коњи, бизони, елени, како и на кучиња, различни глодачи и зајаци.

„Овие пронајдоци се откриени во последниве 10 години. Првпат ќе бидат тестирани на присуство на палеовируси“, вели Максим Чепрасов, шеф на лабораторијата на Музејот на мамутот во Јакутск. 

Анализата на билошкиот материјал на древните животни ќе им овозможи на научниците да ја проценат разновидноста на микроорганизмите чии ДНК и РНК буквално го издржале тестот на времето и останале добро сочувани. Истражувачите се решени да пронајдат палеовируси за најсовремени истражувања на полето на генетската еволуција на вирусите. Тоа е всушност содржината на палеовирологијата. Станува збор за проучување на древните вируси (палеовируси) и нивното влијание врз геномот на домаќинот. Научниците се подготвени да користат најсовремени идеи и технологии за да фрлат ново светло врз палеовирусите.

Откривањето на изумрени животни е од универзално значење, а нивната лабораториска анализа „ќе придонесе за развој на денес актуелните науки - палеомикробиологијата и палеовирологијата“, тврди „Роспотребнадзор“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња