Се појави извозна верзија на „Панцир“ со 100% поголем дострел на ракетите во однос на претходникот

Интернет-портал marsonline (Борбени Ефективи)

Русија првпат на една меѓународна експозиција (во овој случај се работи за IDEX-2021) го претстави модернизираниот хибриден противвоздухопловен ракетно-топовски систем „Панцир-С1М“. Станува збор за сериозна модификација што ја реализираа специјализираните претпријатија кои се наоѓаат во рамките на холдингот „Високопрецизни комплекси“ (Ростех). Пакетот модификација настана врз основа на борбените искуства при експлоатацијата на верзијата „Панцир-С1“ во Сирија. Ваквата напредна итерација на „Панцир“ веќе заинтересира многу странски купувачи.

Модернизираната верзија што ја носи ознаката „Панцир-С1М“ доби нов радар. Тој има способност да забележи аеродинамични цели на далечини до 75 км. Ефективниот дострел на ракетите што ги користи унапредениот „Панцир“ е зголемен за 100%, наместо 20 сега достигнува 40 км. Вакви системи веќе се во борбена експлоатација (се наоѓаат во рамките на ПВО на воздухопловната база „Хмејмим“). Тие во меѓувреме повеќе пати успешно пресекоа обиди за терористички напади со импровизирани беспилотни летала, кои поради своите мали димензии и маневарски способности се класификуваат како цели кои многу тешко можат да се уништат, пренесува рускиот веб-портал РИА „Новости“.

„Првпат го претставивме модернизираниот хибриден ракетно-топовски ПВО систем „Панцир-С1М“. Се работи за извозна верзија на „Панцир“ која успешно се докажа во Сирија“, велат од оваа корпорација. Како што забележуваат од државната корпорација, „неколку странски купувачи веќе искажаа интерес за негова набавка, а како што ќе одминува саемот, интересот ќе биде сé поголем“.

96К6 „Панцир С1” е противвоздухопловен хибриден ракетно-топовски систем со мал дострел. Наменет е за заштита на цивилни и воени објекти од напад со сите модерни и перспектива средства за воздушен напад, во сите временски услови, без оглед на периодот на денот (ден/ноќ), при масовна употреба на противнички системи за противелектронска борба. Со ракетите може да гаѓа цели на далечина од 20 км/висина 15 км, додека со топовите покрива далечина до 5000 метри. Топовите дејствуваат со брзина од околу 4800 гранати во минута. Благодарение на својата универзалност, системот може да се користи и против копнени и надводни цели.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња