Руската армија до крајот на годинава добива контингент тешки ударни дронови „Аљтиус-РУ“

bmpd.livejournal.com
Овој дрон според својата конструкција претставува моноплан со крила со голем распон и задната опашка во вид на латинската буква V (тнр. „пеперуга“), што е аналогно на беспилотното летало „Орион“. Благодарение на ваквата конструкција на леталото, но и на многу економичните мотори, неговиот долет може да достигне цели 10000 километри. Бидејќи се работи за извидувачко-ударна варијанта на беспилотно летало, „Аљтиус -РУ“ ќе може да понесе и до 2000 кг убојни средства на надворешните носачи.

Министерството за одбрана на Руската Федерација потпиша договор за набавка на пробен контингент тешки извидувачко-ударни беспилотни летала „Аљтиус-РУ“. Информацијата за овој договор дојде од извор ангажиран во Министерството за наука и трговија на Татарстан.  

Според достапните документи, АД „Уралски завод за цивилна авијација“ (АО „Уральский завод гражданской авиации“ - УЗГА) од Казањ успешно ја завршил етапата на „технички проект“. Контингентот дронови треба да биде комплетиран до крајот на тековната година, пренесува рускиот веб-портал РГ.

Извидувачко-ударното беспилотно летало „Аљтиус-РУ“ претставува конечен облик на беспилотното летало „Аљтиус“, конструирано пред десет години по нарачка на руското Министерство за одбрана. Конструирањето на тешкиот ударен беспилотен апарат „Аљтиус“ на себе го презеде казањската компанија ОКБ „Симонов“ во соработката со компанијата „Кронштат“. Во 2011 година оваа компанија победи на тендерот што го распиша руското Министерство за одбрана и со ОКБ „Смирнов“ склучи договор тежок 15,5 милиони американски долари. Експерименталниот образец на ова летало во меѓувреме е направен во производните капацитети на овој воздухопловен завод и тој пред две години го изведе и својот прв пробен лет. Паралелно со развојот на самата летачка платформа, руската специјализирана компанија КРЕТ започна тестирање на напреден навигациски комплекс што ќе го користи ова летало. Летечко-техничките тестирања на ова летало започнаа 2016 година, за во 2018 година проектот да го преземе казањската воздухопловна компанија УЗГА.

Овој дрон според својата конструкција претставува моноплан со крила со голем распон и заден опаш во облик на латинската буква V (таканаречена „пеперуга“) што е аналогно на беспилотното летало „Орион“. Во целост е направен од композитни материјали што во голема мера ја намалува неговата тежина (се проценува дека овој апарат ќе биде тежок помеѓу 5000 и 7500 килограми). Погонскиот блок на леталото се состои од два воздухопловни дизел-мотори со трикраки пропелери со проценета моќност од околу 500 коњски сили. Овие мотори се сместени под крилата чиј распон достигнува речиси 30 метри. Благодарение на ваквата конструкција на леталото, но и на мошне економичните мотори, далечината на неговиот лет може да достигне цели 10000 километри (автономија во воздухот и до дури 48 часа). Брзината на леталото се движи во распон од 150 до 250 км/ч, а плафонот на летот изнесува 12000 метри.

Борбената варијанта на ова летало ќе биде опремена со оптичко-електронски систем за извидување и со радар со фазна антенска решетка која ќе го набљудува воздушниот простор бочно од леталото. Дронот е опремен со комуникациско-команди уреди поврзани со сателити, како и со елементи на вештачка интелигенција.

Со оглед на тоа дека станува збор за ударна/офанзивна варијанта на беспилотно летало, „Аљтиус-РУ“ ќе може да носи и до 2000 килограми убојни средства на надворешните носачи. Во комплетот на системот „Аљтиус“ влегуваат две летала, копнена управувачка станица, станица за прием и за предавање сигнали, станица за контрола на автоматско полетување и слетување. Предвидена е и верзија на леталото за потребите во цивилното воздухопловство, која нема да има софистицирана извидувачка опрема.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња