Тесно содејство: Како ловците Су-57 и ударните дронови С-70 „Охотник“ ќе го уништуваат непријателот?

Youtube
Руското Министерство за одбрана има во план ловечките ескадрили опремени со борбени летала од петтата генерација Су-57 да ги опреми и со тешки ударни беспилотни летала С-70 „Охотник“. Ловците и ударните беспилотни летала ќе изведуваат борбени операции во тесно содејство. Нивната основна задача ќе биде воздухопловна борба како и изведување бомбардерски задачи при уништување копнени цели на условниот непријател.

Ова на новинарите на веб-порталот anna-news.info им го соопштија луѓе од руското Министерство за одбрана.

„Министерството за одбрана ја разгледува можноста за интеграција на тешките беспилотни летала С-70 „Охотник“ во Вооружените сили (во Воздушно-космичките сили, заб. на прев.). Се разгледува варијанта со пополнување со овие летала на воздухопловните ловечки полкови кои ќе бидат вооружени со ловците од петтата генерација Су-57. Како опција, на две до три ловечке ескадрили опремени со ловци Су-57 би доаѓала една ескадрила со „Охотници“. Борбените летала би дејствувале во тесно содејство, според нови тактички принципи, со широка употреба на елементи на вештачка интелигенција“, ги цитира овие наводи веб-порталот anna-news.info.

Првиот заеднички пробен лет на прототипот на ударното беспилотно летало С-70 „Охотник“ и повеќенаменскиот ловец од петтата генерација  Су-57 беше реализиран во септември 2019 година. Како што тогаш објаснија од руското Министерство за одбрана, во текот на првиот лет било реализирано содејство меѓу беспилотното летало и ловецот Су-57 со цел „зголемување на радарската способност на ловецот и зафаќање непријателски цели со помош на современи средства за воздушен напад“.

Употребата на беспилотниот дрон кој ќе ги има сите карактеристики на борбен авион овозможува изведување на далеку посложени маневарски фигури одошто во случајот кога со леталото управува човек, кој притоа трпи големо оптоварување кое може да доведе до губење на свеста. Беспилотното летало ќе може да ги извршува своите задачи при големи брзини и нагли промени на правецот на движење, на стратосферски висини, во зоната на поблиската вселена. Едно тактичко ударно одделение може да се состои од 4-6 летала. На пример, преку еден авион Су-57 (кој има улога на команден пункт) може да се управува со група од три до пет беспилотни летала С-70 „Охотник“, што значително ја зголемува нивната вкупна ефикасност. Во случај на компромитација на врската меѓу дронот и командниот пункт (авионот Су-57), сегментот на вештачка интелигенција на секое летало поединечно ќе му овозможи продолжување на самостојно изведување на задачата врз основа на исправниот алгоритам на управување.

Се претпоставува дека С-70 „Охотник“ ќе достигнува маса до 25 тони, што е, на пример, двојно повеќе од тактичкиот ловец од четвртата генерација МиГ-29. Ќе може да оствари суперсонична брзина (околу 1400 км/ч), додека неговата крстосувачка брзина ќе биде во границата на високата супсонична брзина која ќе се движи во вредноста од околу 1000 км/ч. С-70 ќе може да прелета околу 5000 км и достигне висина (плафон на лет) од преку 10000 метри. Оттаму со високопрецизно оружје ќе може да уништува непријателски копнени цели и да врши операции на воздушно извидување. Претпоставката е дека „Охотник“ ќе има способност да понесе до 2,5 тони убоен товар (одделни извори велат дека ударниот дрон ќе може да понесе дури 8 тони бомби и ракети).

Леталото ќе биде направено според технологија која ќе му обезбеди мала радарска рефлексивност-видливост. Основната конструкторска база за изработка на ова летало е концепцијата на тнр. „летачко крило“. Убојното вооружување ќе го носи во внатрешните борбени спремници, слично како кај ловците од 5 генерација. Корпусот на беспилотниот апарат ќе биде направен од композитни материјали.

Според извори од военоиндустрискиот комплекс, летечкиот пар Су-57 и „Охотник“ ќе биде во состојба да „покрие“ простор од неколку стотици па до илјада километри. Покрај ловците Су-57 и „Охотниците“ ќе бидат во состојба да носат високопрецизни убојни средства наменети за уништување важни објекти на условниот непријател.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња