Системот за рано предупредување од потенцијален ракетен напад (интерконтинентални балистички и крстосувачки ракети со нуклеарни боеви глави) како чадот ја „покрива“ целосната територија на Руската Федерација и држи сè под цврста контрола. На крајниот север од Русија, во реонот на градот Мурманск се наоѓа радарската станица „Днепар-М“. Тоа е една од првите далекустрелни радарски станици која веќе половина век се наоѓа во непрекинато борбено дежурство и ја штити државата од ненадеен напад.
„Работата е исклучително интересна, а и малку луда. Космосот и понатаму е преполн со различни мистерии. Благодарение на нашите радари ние можеме да ја препознаеме секоја честица што доаѓа од космосот“, вели Сергеј Зајкин, началник на одделот за управување, прием и одржување на радарската станица „Днепар-М“, пренесува интернет порталот ТВ-Звезда.
Овој офицер веќе цела деценија ги проучува сигналите што доаѓаат од космосот. Контролната соба во која се наоѓаат пултовите за командување со радарската станица, приемот на податоците и нивната обработка претставува епицентар/мозок на станицата. Навистина станува збор за чудо на тогашната советска инженерска мисла.
Објектот според своите димензии е импозантен (со површина на просечен фудбалски терен). Составен е од голем број компјутери, а на неговите ѕидови и различни простори во самиот објект насекаде има рачно спакувани кабли. Модерните времиња донесоа и унапредување кога станува збор за електронската инфраструктура која е интегрирана во овој радар со стратешка намена. Сега уредите се значително покомпактни и поефикасни (постигнуваат мошне поголеми брзини за време на обработката на различни податоци одошто порано). Во спрега со големата радарска антена, системот може во реално време да следи огромен број различно воздушни објекти, од вештачки сателити кои кружат околу земјината орбита, па сè до интерконтинентални балистички ракети. Системот со голема брзина ги пресметува сите параметри кои се поврзани со детектирање на објектите. Од каде тргнала ракетата, колкава е брзината на движење и каде се има упатено.
Покрај радарската станица „Днепар-М“ во руската армија има и други системи со слична намена.
„Станува збор за системи кои 24/7 365 дена во годината ги држат очите ширум отворени. За нив нема одмор, нема сон. Постојано се фокусирани на строго определени насоки (ракетни коридори)“, вели Василиј Битјуков, заменик командир на РЛС „Днепар-М“.
Станува збор за „око што гледа сè“. Радарската станица „Днепар-М“ наполни 50 години. За сето ова време од кога се наоѓа во употреба ја набљудува ситуацијата зад хоризонтот. Во овој момент се гради уште една радарска станица со стратешка намена. Станува збор за радарот со голем дострел „Воронеж-ДМ“. Според своите димензии и квалитетот ќе биде иста како и претходната, која ќе се изгради во Армавир. Станува збор за објект со еквивалент на облакодер од 10 ката, на кој се густо монтирани високочувствителни примопредавачки „ќелии“.
„На оваа станица се поставени над 2 илјади минијатурни радари. Тие во временски интервал што се мери во микросекунди обезбедуваат предавање и прием на рефлектен сигнал од воздушните објекти кои се оддалечени илјадници километри“, вели известувачот на ТВ-каналот Звезда Виталиј Никулин.
Станицата се наоѓа на мошне чувствителен правец кога станува збор за одбраната на Руската Федерација. Преку нејзиниот сектор за набљудување преминуваат голем број потенцијално опасни ракетни коридори. Меѓутоа, „Воронеж-М“ со леснотија покрива сè. Во неговиот опфат се наоѓа воздушен простор кој се протега од Франција па сè до Кина. Според длабочината овој радар ја зафаќа територијата на Блискиот и на Средниот Исток, вклучувајќи ја и Африка.
Токму овој радар е главниот Центар за предупредување од потенцијален ракетен напад. На неговиот команден пункт се собираат податоци кои доаѓаат практично од сите радарски станици со голем дострел кои се наоѓаат во системот за рано предупредување од ракетен удар, вели Алексеј Кошкин.
На контролниот пункт се наоѓа детална мапа на Русија на која е прикажан комплетниот систем на поединечни радари со голем дострел, кои во облик на прстени се поставени на витално важните правци за одбрана на нашата земја. Тука можеме да ги видиме најмодерните радарски системи покрај споменатиот „Воронеж-М“, но и радари кои во преносно значење претставуваат нивни „дедовци“, како што се првата генерација радари „Днестар“ и „Даријал“. Тоа се објекти од стратешко значење за одбраната на земјата кои се градени цела деценија, каде за нивното енергетско снабдување се трошат ресурси во еквивалент на потрошувачката на град со 100 илјади жители“, вели Кошкин.
Уште еден исклучително важен елемент во прстенот на далекустрелни радари за рано предупредување се наоѓа во Калининградската област. Преку радарската станица која е изградена во оваа „енклава“ руската армија го контролира воздушниот простор на цела Европа. Тука се наоѓа веројатно еден од најдобро обучените екипажи кога станува збор за максимална ефикасност на експлоатацијата на овие радарски системи. Имено, секојдневно се изведуваат вежби во кои радарските екипажи добиваат задача да детектираат и да следат воздушна цел со големина на фудбалска топка на оддалеченост од речиси 6 илјади километри.
„Неодамна беше успешно детектирано и лоцирано вежбовно лансирање на ракета. Станува збор за активностите на стратешките сили на француската армија. Тие реализираа тестирање на новиот тип балистичка ракета со подводно базирање (стратешка подморница)“, вели Георгиј Шторм, командант на радарскиот систем кој се наоѓа во реонот на градот Калининград.
На радарот за слични намени кој се наоѓа во Ленинградската област исто така има постојано 24-часовно боево дежурство. Станува збор за радарскиот стратешки систем „Воронеж-М“ кој ја покрива северната хемисфера, вклучувајќи ја и космичката зона. Самиот радар спаѓа во новата генерација системи за оваа намена. Станува збор за исклучително важен објект кој го покрива просторот од каде е мошне веројатен потенцијален удар со интерконтинентални балистички ракети.
„Станицата може да открие цел на оддалеченост и до 6 илјади километри. Таа во целост го покрива северозападниот сектор преку кој доаѓаат поголем број мошне опасни ракетни коридори кои влегуваат во внатрешноста на Русија. „Воронеж-М“ го набљудува просторот од Мароко па сè до Шпицберн (архипелаг во Арктичкиот океан, Норвешка – заб. прев.), вели командантот на дежурните радарско-набљудувачки сили Евгениј Рисјаков.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче