На оклопната платформа „Бумеранг“ може да се направи високомобилен тенк на тркала

alamy
Рускиот военоиндустриски комплекс може многу лесно да комплетира тенк на тркала доколку пред него се постави таква задача. Според своите огнени можности тој воопшто не би се разликувал од основниот борбен тенк Т-90. И тоа не е сé. Руските конструктори планираат интеграција на ракетен ПВО-систем и оклопна шасија „Бумеранг“ кои ќе работат во целосно пасивен режим на работа и кои ќе се одликуваат со исклучително високо ниво на мобилност.

„Оклопното возило „Бумеранг“ може да стане основна платформа за конструкција на нова генерација тенкови на тркала и перспективни ПВО-системи кои ќе се одликуваат со голема мобилност“, изјави Александар Красовицки, прв човек на „Воено-индустриската компанија“ (Военно-промышленная компания (ВПК).

Како што пренесува веб-порталот РГ, проектот за конструкција на нов тенк со висока подвижност, кој ќе биде направен врз база на оклопното возило „Бумеранг“, би се реализирал без проблем. „Доколку некој ни постави таква задача, ние брзо ќе ја решиме“, категоричен е Красовицки. Според него, „се работи и на проект за развој на ПВО-систем со краток дострел кој исто така би бил интегриран на шасија на оклопното возило „Бумеранг“. Изработката на техничката макета ја потврди можности за интеграција на ПВО-системот „Сосна“.  

„Убиец на тенкови“ на тркала

Руската армија сака во своите оклопни единици да види и варијанта на лесен тенк или како што во интерните документи се дефинира со називот - оклопно возило за огнена поддршка. Тука руските конструктори планираат да интегрираат купола без екипаж на платформата „Бумеранг“, која ќе биде опремена со топ со поголем калибар. Се претпоставува дека ова возило ќе биде опремено со слична борбена купола како што се наоѓа на идниот тенк на ВДВ 2С25М „Спрут-СДМ-1“. Со ова унапредување „Бумеранг“ ќе биде на исто ниво со основниот борбен тенк Т-90 „Владимир“ според квалитетот на основното вооружување. Имено, самоодното оружје 2С25М „Спрут-СДМ-1“ е опремено со топ со мазна цевка 2А75 со калибар 125 мм. Овој топ е специјално модернизирана верзија на тенковскиот топ 2А46М за самоодната хаубица 2С25 „Спрут-СД“. Тој може да го уништи противникот со класични кумулативни, поткалибарски и гранати со разорно-фрагментни боеви глави, како и со наведувани ракети кои се испукуваат од цевката на тенкот „Рефлекс“. Ракетата 9М119М од комплексот „Рефлекс“ се наведува на целта со помош на ласерски зрак и има способност на растојание до 4 км да уништува тенкови и други оклопни возила, како и фортификациски објекти на непријателот.  

Невидлив високомобилен систем за ПВО

Како што рековме, руските конструктори имаат во план на корпусот на возилото да интегрираат купола без екипаж на ракетниот ПВО-систем „Сосна“ со тежина од 5,5 тони. Станува збор за систем кој воопшто нема свој радар. Комплетното пребарување на воздушниот простор се врши во целосно пасивен режим на работа кој е невидлив за непријателот. Опремен е со моќни оптоелектронски уреди и агилни ракети од класата „земја-воздих“. „Сосна“ ќе биде исклучително опасно  борбено средство за голем број воздушни цели.

Со борбениот модул „Сосна“ управува еден оператер. Неговото формациско место е опремено со монитор и со команден пулт. Иако станува збор за целосно автоматизиран систем, крајната одлука за отворање оган сепак ја донесува нишанџијата.

Причината за ваквата конфигурација на оружјето, кое патем речено не е толку честа кога станува збор за мобилни противвоздушни ракетни системи, се темели на еден мошне важен фактор. Имено, непостоењето на радар ѝ овозможува на „Сосна“ прикриено да дејствува што во крајна линија го продолжува нејзиниот животен век на фронтот.

Во современата војна основната цел на непријателските воздухопловни сили е неутрализирање на сите копнени огнени точки кои зрачат електромагнетно ракетно зрачење. Ракетарите постојано „ловат“ непријателски средства опремени со радиоизвидувачки и со електронски системи за детекција на радарското зрачење, на кои потоа се испукуваат специјализирани противрадарски ракети кои самостојно се насочуваат кон изворот на зрачењето. Доколку не постои радарско зрачење, тогаш сето ова оружје станува целосно бескорисно.

Во горниот дел на борбениот модул „Сосна“ се наоѓа жиростабилна платформа на која е разместен блок со оптичко-електронска опрема која се состои од повеќеканален систем за наведување (термовизиска и телевизиска техника) плус ласерски далномер и ласерски озрачувач за управување со ракетата. Неговата оптика има можност да го открие и да го следи леталото со големина на ловец на оддалеченост од неколку десетина километри.

Втора, не помалку значајна карактеристика на овој систем е респектабилниот борбен комплет кој е составен од 12 насочувачки ракети од класата земја-воздух со калибар од 130 милиметри, кои можат да погодат различни воздушни објекти чија брзина достигнува 300 метри во секунда на далечина од 10 километри и на висина до 5 километри. Овие ракети се сместени на ротирачки модул кој покрива простор од 360 степени околу возилото. На него се наоѓаат 2х6 ракети „Сосна-Р“ кои се сместени во специјални транспортно-лансирни контејнери кои се слични како на ПВО системот „Панцир“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња