Инженерите на рускиот холдинг „Хеликоптери на Русија“ (дел од државната корпорација „Ростех“) ги комплетираа првите два експериментални модели на модернизираните борбено-извидувачки хеликоптери Ка-52М „Алигатор“, пишува Marsonline. Првите испораки на модернизираната борбена техника до единиците на руската армија може да се очекуваат веќе од наредната година. Ова на новинарите им беше пренесено од информативната служба на холдингот.
Во овој момент се реализираат летечко-техничките испитувања на модернизираните летала. Целиот процес се одвива во рамките на Националниот центар „Мил и Камов“. Според најновиот план, завршувањето на опитно-конструктрската работа се очекува до почетокот на следната година. Во согласност со овие проценки, како и со темпото на производство на модернизираните летала, се очекува првите сериски модели на борбени-извидувачките хеликоптери Ка-52М „Алигатор“ да бидат подготвени за испорака на единиците на руската армија до крајот на 2022 година Ова е краткото резиме на изјавата на генералниот директор на ААК „Прогрес“, Јуриј Денисеков.
Тој спомена дека минатата година неговата компанија успеа врз основа на стандардниот хеликоптер Ка-52 да комплетира две модернизирани експериментални летала кај кои беше применет пакетот модификација Ка-52М. Овие модификации се должни да ги подобрат летечко-техничките карактеристики на леталото, како и неговите тактички способности.
Проектот за подигнување на целокупните тактичко-технички и експлоатациони способности на ниво на Ка-52М се реализира во рамките на опитно-конструкторската работа со кодно име „Авангард“. Основните правци кои беа одредени при унапредувањето на леталото беа утврдени врз основа на искуствата од неговата борбена употреба (Ка-52 „Алигатор“) во Сирија. Првите информации за пакетот модернизација за хеликоптерот Ка-52 „Алигатор“ се појавија 2019 година.
Што се однесува до конкретните работи кои ќе бидат имплементирани во проектот „Авангард“, руските конструктори ќе посветат посебно внимание на зголемувањето на оклопот на самиот авион1. Друга важна работа ќе биде зголемувањето на техничките способности на оптоелектронскиот и извидувачкиот системи кои се наоѓаат во опремата на овој хеликоптер. Вториот систем ќе мора да исполни исклучително изискувачки тактичко-технички критериуми како што се откривање и следење цели на растојанија од неколку десетици километри. Ова навистина ќе биде револуционерен исчекор бидејќи во денешно време оптоелектронските уреди можат да ја овозможат оваа способност на растојанија од најмногу 10 километри.
Што се однесува до вооружувањето, тоа ќе биде најмногу унапредено на планот на интеграцијата на нови ракетни системи. Општо познато е дека противтенковскиот ракетен систем со долг дострел „Хермес“ ја помина проверската само кај леталата Ка-52. Овие ракети влегоа во борбениот комплет на палубните верзии на овој хеликоптер со ознаката Ка-52К „Катран“, базирани на носачот на авиони „Адмирал Кузнецов“.
Првите информации за развој на напредниот противтенковски ракетен комплекс „Хермес“ се појавија во јавноста во 2015 година. Тогаш беше соопштено дека ракетниот комплекс „Хермес“ се развива во две варијанти: првата, наменета за уништување копнени цели во зоната на видното поле на растојанија до 20 км, како и варијанта за уништување копнени цели кои се наоѓаат преку хоризонтот, на дистанци и до дури 100 км.
Ракетниот комплекс „Хермес“ може да се закачи на повеќе платформи, и во тактичка смисла го пополнува просторот меѓу наведуваните артилериски гранати и оперативно-тактичките ракетни системи. Со него е можно да се опремат воздухопловни платформи како авиони и ударни хеликоптери, потоа копнена борбена техника, како и површински пловила. Исто така, предвидено е да го употребуваат и ударни беспилотни летала.
Сириското искуство
Тактичкиот концепт на употреба на борбено-извидувачкиот хеликоптер Ка-52 е насочен кон откривање на непријателски позиции и негова техника на големи далечини, по што тој може или самостојно да изврши задача за негово уништување (наведувано високопрецизно оружје), или да наведува артилериско-ракетни системи, вклучително и тактичка авијација.
Од друга страна, Ка-52 имаше предност при изведувањето ноќни акции. Од големо растојание тој откриваше тенкови на терористите и друга нивна оклопна техника, упоришни точки, набљудувачки пунктови, зборни места и ги уништуваше од безбедни растојанија со наведувано високопрецизно оружје. Вистина, има неколку видеоклипови на кои се гледа дејство на овие хеликоптери со ненаведувани ракетни зрна и во непосредната зона на огнениот контакт. Меѓутоа, во таа пригода овие хеликоптери не ја користеа класичната „кружна“ формација, која главно ја користат јуришните хеликоптери при обезбедувањето блиска огнена поддршка на трупите на терен. Тие ги изведуваа своите дејства со молскавична брзина, со мотото „удри и бегај“.
Треба да се истакне дека Ка-52 се покажа многу добро при организацијата на втората офанзива за ослободување на градот Палмира. Благодарение на моќниот радар и оптоелектронските системи што ги има во својата опрема, овој хеликоптер во ноќните операции ѝ нанесе голема штета на терористичката организација „Исламска држава“. Главно се користеше за наведување на ударните одделенија на тактичката авијација опремена со јуришни авиони Су-25.
Ка-52 „Алигатор“е борбено-извидувачки хеликоптер кој е наменет за борба против тенкови, оклопна и друга борбена техника, непријателска жива сила, хеликоптери и останати воздушни објекти, на предниот крај на одбраната и тактичката длабочина на фронтот, во сите временски и климатски услови. Опремен е со современа авионика која е во спој со респектабилно вооружување. Го движи силен мотор са коаксијална елиса што на „Алигаторот“ му обезбедува одлични маневарски карактеристики кои вклучуваат изведување сложени летечки фигури. Покрај тоа, Ка-52 е опремен и со систем за радиоелектронска заштита, апаратура за намалување на топлотната рефлективност, како и со средства за активна заштита од лесни преносни системи за ПВО.
¹ Нема никаков сомнеж дека модернизираните хеликоптери Ми-28НМ и Ка-52М ќе содржат и елементи направени од новата генерација композитни материјали. Тоа особено се однесува на Ка-52М. Конкретно, руската воена индустрија во 2018 година стартуваше проект за изработка на нов композитен оклоп за „супералигаторите“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче