Со новиот сет реагенси за брза анализа на Ковид-19 времето на амплификација ќе се намали петкратно и повеќе, додека вкупното време потребно за тестирање ќе биде три до четири пати пократко.
Тестирањето ќе може да се изврши за вкупно час до час и половина време во зависност од примерокот наместо четири до пет часа потребни при класичната лабораториска техника PCR (полимеразна верижна реакција), велат од „Роспотребнадзор“. Со помош на новиот тест можат да се идентификуваат носителите на вирус во ран стадиум и оперативно да се ограничат нивните контакти со другите луѓе.
Тестот под назив АмплиСенс SARS-CoV-2-IT е регистриран на 3 февруари. Може да се користи во склоп на постојната инфраструктура на лабораториска дијагностика во земјата. Притоа сите потребни компоненти се произведуваат локално во рамките на ЦНИИ за епидемиологија на „Роспотребнадзор“, велат од овој ресор.
Во Русија според податоците на „Роспотребнадзор“ од 8 февруари се спроведени 105 милиони лабораториски анализи за присуство на новиот коронавирус. Од почетокот на ширењето на инфекцијата во оваа земја болеста е дијагностицирана кај 3,9 милиони Руси. Во ноември „Роспотребнадзор“ донесе уредба со која се ограничува максималниот рок за тестирање на коронавирус, па така од моментот на добивање на биолошкиот материјал до објавување на резултатите не смеат да поминат повеќе од 48 часа.
Претседателот на РФ Владимир Путин изјави дека времето од 48 часа потребно за тест е долго. Раководителот на „Роспотребнадзор“ Ана Попова изјави во интервју за телевизијата „Русија 1“ дека се работи на скратување на процедурата за тестирање на 24 часа.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче