Како изгледа познатиот „Урал“, најпопуларниот советски мотоцикл?

Претседателот на Русија Владимир Путин на меѓународниот бајк-шоу „Сенката на Вавилон“ во организација на мотоклубот „Ноќни волци“ во Севастопољ зад воланот на мотоциклот „Урал“.

Претседателот на Русија Владимир Путин на меѓународниот бајк-шоу „Сенката на Вавилон“ во организација на мотоклубот „Ноќни волци“ во Севастопољ зад воланот на мотоциклот „Урал“.

Алексеј Дружинин
Малата фабрика, оддалечена 1.500 километри од Москва секој ден произведува 5-6 мотоцикли со приколки во кои потoа се возат, меѓу другите, познати личности како што се Бред Пит и Стивен Тајлер. Згора на тоа чудно е што овие мотоцикли не се толку популарни во Русија. Еве зошто е тоа така.

Некаде во Калифорнија еден крупен маж со брада вози светлоцрвен мотоцикл кој изгледа како да е симнат од екранот на некој романтичен старински филм. А, во приколката на мотоциклот седи Грејс без кацига, но со очила за скијање. Грејс има веќе 8 години и мирно седи во приколката.

„Што велиш, Грејс, малку да полетаме?“, прашува човекот и по неколку секунди вози само на двете странични тркала. В првиот момент Грејс е исплашена, но веќе по неколку секунди е среќна.

Вака австралискиот овчар, кучката Грејс, се вози во „Урал“ најпознатиот руски мотоцикл на светот.

Воен мотоцикл за време на криза

Жителите на Ирбит, гратче во Свердловската област, основан во 1631 година отсекогаш имале со што да се забавуваат. Практично од самото основање во градот се одржувале панаѓури. Во текот на триесеттите години од минатиот век, дотогаш трговскиот град, станува индустриски центар. Најпрво во него бил подигнат комбинат за преработка на дијатомит и за производство на тули, а подоцна фабрика за машини за вадење тресет.

Производство на рускиот мотоцикл „Урал“ во Ирбитската фабрика за мотоцикли.

За време на Големата татковинска војна во Ирбит од Москва била евакуирана фабриката за мотоцикли. Сместена била на територијата на пиварницата.

„Првиот ешалон стасал на 21 ноември 1941 година, а веќе на 25 февруари од Ирбит тргнал првиот ешалон сo мотоцикли“, вели директорот на Ирбитскиот државен музеј на мотоцикли во интервју за ТАСС. Во текот на војната во Ирбит се произведени над 9.000 мотоцикли. На почетокот ги користела војската и овој модел се нарекувал М-72. Називот „Урал“ се појавил дури во 1962 година во чест на големиот географски регион на Русија. Токму под овој назив овој мотоцикл стана препознатлив во Советскиот Сојуз и надвор од него.

Работник во хала за склопување мотоцикли „Урал“. Ирбитска фабрика за мотоцикли.

Пред фамозните деведесетти години од минатиот век успешно годишно произведувала 130.000 мотоцикли за потребите на советските државјани. Во неа биле вработени околу 10.000 луѓе. По распадот на Советскиот Сојуз настапи криза, фабриката неколку пати го менуваше називот, за на почетокот на 21 век целосно да банкротира.

„Каха (Каха Бендукиѕе, поранешен сопственик на фабриката, кој ја купи во 1998 година – заб. ред.) реши да ги продаде погоните, а единствени заинтересирани бевме ние, тогашниот топ-менаџер на фабриката, јас и моите колеги Вадим Трјапичкин и Дмитриј Лебедински“, вели во интервју за „Афиша дејли“ Иљја Хаит, еден од сегашните косопственици на фабриката.

„Урал за извоз“

Новите сопственици во 2006 година започнаа производство и истата година направија 1.755 мотоцикли, и тоа исклучиво за извоз во Јапонија, во САД, во Европа, во Канада и во Австралија.

„Веднаш сфативме дека рускиот пазар не е особено перспективен за вакви бајкови, па решивме да се натпреваруваме со светските брендови. За таа цел моравме во целост да го измениме процесот на производство. На современиот 'Урал' нема ниту еден дел од стариот мотоцикл сè е усогласено со стандардите на странските пазари“, објаснува Хаит.

Во фабриката се произведуваат делови за приколки, шасијата и моторот, вели извршниот директор на Ирбитската фабрика за мотоцикли Владимир Курмачов. Кочниците, запчаниците за менувачот и останатото ги набавуваме во странство.

Денес фабриката има 150 работници. Тие по нарачка дневно склопуваат 5-6 мотоцикли.

Урал Сити 2021

Фабриката прави два класични модели: „Урал Сити“ и Gear Up.

Урал GEAR UP 2021

Покрај тоа, компанијата секоја година исфрла лимитирани колекции на своите мотоцикли, на пример „Урал“ со бојата на Бајкалското езеро или со пустинска боја, и мотоцикли во соработка со брендот Јамал.

URAL BAIKAL LE, ограничен тираж од 2017 година.

Моделот „Сити“ има мотор од 745 кубици и 41 коњска сила. Со еден резервоар може да мине 260 километри, а максималната препорачана брзина е 110 километри на час. Мотоциклот има погон на задните тркала.

Gear Up има речиси идентични параметри, со исклучок на големината на тркалата (тркалата на моделот „Сити“ се 18 инчи, а на моделот Gear Up 19 инчи). Но, се смета дека овој модел е водечки зашто тоа е единствен мотоцикл на светот со погон на двете тркала. По желба, купувачот може уште во време на фабричкото склопување да ја прилагоди приколката исто така да има погон, и тоа е онаа идеална варијанта за возење надвор од патиштата.

„Сити“ чини 821.000 рубли (10.800 американски долари), а Gear Up 962.000 рубли (12.700 американски долари).

Светска популарност

URAL BAIKAL LE, ограничен тираж од 2017 година.

Во Русија „Урал“ има 4 дилери, а во САД педесетина. Папараците во 2010 година успеаја да го снимат глумецот Бред Пит и солистот на рок-бендот Аеросмит Стивен Тајлер на своите „Урали“.

Според Владимир Курмачов два мотоцикли, едниот со приколка, и еден без поседува Јуан Мекгрегор кој глумеше во „Војна на ѕвездите“.

„99% од нашите мотоцикли се извезуваат. Минатата (2019 – заб. ред.) година само во Русија се продадоа само 45 машини. Во просек годишно произведуваме 1.200 машини“, вели Курмачов.

URAL YAMAL LE

Според неговото мислење, рускиот бајк е популарен благодарение на необичниот дизајн кој не сме да се менува по ниту една цена.

„Доколку на изложбата на мотоцикли во Милано, која се одржува еднаш во две години <...> се тргнат логоата од мотоциклите, човек кој не се разбира многу тешко ќе ја препознае марката, а 'Урал' е препознатлив“, изјави Курмачов уште во 2017 година во интервју за ТВ каналот „Росија 24“.

Во странство „Урал“ е популарен токму благодарение на приколката, а таа по потреба може да се тргне, вели косопственикот на компанијата Иљја Хаит.

„Просечната возраст на сопствениците на нашите мотоцикли сега е 50-53 години. Најчесто го купуваат искусни бајкери кои откриле уникатно превозно средство како што е мотоцикл со приколка. 'Урал' подразбира специфичен однос на бајкерот и патникот. Тоа е возење што човек го дели со некој“, објаснува Хаит.

Во Русија овој мотоцикл не е толку популарен, пред сè поради високата цена, а исто така и поради тоа што има многу поклоници на претходниот, советски „Урал“, а тие се противат на какви било модификации, смета Хаит.

Според досега кажаното, „Урал“ лесно се прилагодува на сечии потреби. Според Хаит, во Париз и во Барселона на овие мотоцикли се изведуваат туристички екскурзии, во нив љубителите на сурфањето ги превезуваат своите штици и опремата за кампување, а еден кафе-бар во Санкт Петербург има нарачано мотоцикл за да служи како подвижна еспресо-станица – да точат кафе директно на бајк.

Според официјалниот профил на „Урал“ на Инстаграм, овој бајк совладува планински превои, кањони и пустини, а да не зборуваме за нерамен терен надвор од патиштата и за патиштата прекриени со снег. Добрата проодност во сите околности е исто така причина зошто американците се подготвени да платат за овој мотоцикл 10.000 и повеќе американски долари, смета 80-годишниот Џин Лангфорд, еден од првите дилери на „Урал“ во САД.

„Урал“ може да се вози назима и налето и надвор од патиштата. Приколката може да се користи за превоз на товар или во неа да се возат деца или домашни миленичиња. Така излегува дека 'Урал' е идеално превозно средство за авантури кое ретко се гледа“, вели Џин за USA Really.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња