Ерменците сакаат ракети за Су-30СМ и нов контингент ПВО-системи „Тор-М2КМ“

Marsonline (bog-rata.com)
Република Ерменија преговара со руските партнери околу роковите за испорака на воздухопловни ракети за повеќенаменските ловци Су-30СМ, како и за дополнителна набавка нови ПВО-системи со краток дострел „Тор-М2КМ“.

Ова за локалните медиуми го изјави поранешниот началник на Генералштабот на ерменската армија Артак Давтјан, пренесува српскиот веб-портал Marsonline.

На прашањето на новинарите дали е во план набавка на ракети за Су-30СМ, поради што тие не учествуваа во борбените дејствија (се мисли на територијата на Нагорно Карабах), ерменскиот генерал одговори: „Тоа беше во план и најверојатно наскоро ќе се договориме околу таа набавка. При набавката на овие авиони основниот план беше да не се купуваат ракети веднаш, туку целиот пакет да се реализира во фази, како што и беше договорено при потпишувањето на договорот“.  

Новинарот напомена дека во јавноста можеле да се слушнат зборови дека било подобро наместо ловци Су-30СМ да се набави дополнителна количина ракетни противвоздухопловни системи „Тор“.

„Ништо не требаше да се купува наместо борбените летала, затоа што средствата веќе беа наменски одвоени за таа зделка и тоа не треба да се меша. ПВО-системите „Тор“ ги набавивме и со нив ја опремивме нашата армија. Преговорите околу дополнителна набавка на овие ракетни системи сигурно ќе продолжат“, рече поранешниот началник на Генералштабот на ерменската армија Артак Давтјан.

Су-30СМ е руски повеќенаменски суперсоничен борбен авион кој се карактеризира со врвни летно-технички карактеристики. Особено е опасен во близок воздушен бој каде за поголемиот број свои странски конкуренти е недопирлив благодарение на исклучителните маневарски способности. Покрај тоа, овој авион е опремен и со радарска станица со зголемени способности, со мотори за управувачки векторски потисок и двојка напредни хоризонтални крила кои му даваат навистина импресивни летни способности.

Овој авион е способен да носи широка палета современо вооружување од класата „воздух-воздух“ и „воздух-земја“. Благодарение на оваа универзалност, овој авион може да се употребува и како школско-борбено летало за обука на млади пилоти на суперсонични авиони зашто станува збор за двосед.

Противвоздухопловниот ракетен комплекс 9К332 „Тор-М2“ претставува една од најнапредните верзии на овој систем. Се работи за многу ефикасен систем наменет за борба против авиони, хеликоптери, беспилотни летала и, особено, против високопрецизни наведувани бомби и ракети. Претставува систем со краток дострел (во далечина 15км/по висина 10км), и е идеален за заштита на оклопно-моторизирани колони во марш или во тек на активни борбени дејствија. За разлика од претходните верзии на овој систем, „Тор-М2“ има 16 ракети (претходните верзии имаа капацитет од 8 ракети). Се одликува со подвижност, кратко време на реакција по забележана цел, автоматизација при гаѓањето, исклучителна ефикасност при уништување на цел спектар воздушни цели, како и висок степен на отпорност на средства за ПеБ (средства за противелектронска борба).

Што се однесува до верзијата на системот „Тор-М2КМ“, станува збор за модуларен комплекс кој се состои од автономен борбен модул, кој може да се распореди на голем број мобилни шасии, вклучувајќи и камиони. Може да се користи и како фиксен ПВО-комплекс.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња