Трета година по ред извозот на руска земјоделска техника руши рекорди. Во 2020 година испораките во странство беа зголемени за 30%, достигнувајќи вредност од речиси 16 милијарди рубли (174 милиони евра). Според мислењето на учесниците во пазарот, на тоа влијаеле различни фактори, како што се стабилната државна поддршка на извозот и ослабената рубља. Како што истакнува „Комерсантˮ, вкупното производство на руска техника расте заедно со порастот на извозот, речиси за 30%.
Извозот на земјоделска техника од Русија во 2020 година во парична вредност е зголемен за 30% и достигна 15,9 милијарди рубли (174 милиони евра), соопшти „Росспецмашˮ (Руска асоцијација на производители на специјализирана техника и опрема). Значително е забрзано и темпото на пораст на извозот. Година дена претходно испораките во странство беа зголемени за само 9%. Меѓутоа, тој и понатаму е побавен од рекордната 2018 година, кога дојде до раст од 40%.
Извозот отиде во 38 земји, а главни купувачи беа земјите од Заедницата на независни држави и Европската унија, како и Монголија, Африка и Блискиот Исток. На пример, во 2020 година извозот во Германија во парична вредност порасна 4,6 пати, во Австрија 4,5 пати, во Чешка 2,9 пати, Бугарија 2,1 пати, како и во Франција за 84%, во Холандија за 73%, Киргистан за 51%, Унгарија 44%, Казахстан за 29%.
Денис Максимкин од „Росспецмашˮ изјави за „Комерсантˮ дека во Европа, меѓу другото, и во Германија, интензивно се извезуваат комбајни. „Ростсељмашˮ (група руски компании-производители на земјоделска техника), имено, пред неколку години во Германија основа претставништво кое постепено ја зголемува својата активност. Исто така, според него, на растот на извозот влијаеше стабилноста на државната поддршка, што не беше случај во 2019 година, како и „подобрувањето на квалитетот на производите“.
Главни причини за позитивната динамика беа како високите цени на земјоделските производи, така и државната поддршка (попусти на техниката во рамките на програмата 1432), велат од Руската асоцијација на производители на специјализирана техника и опрема. Понатамошната позитивна динамика и развојот на извозот би можеле да ги пореметат растот на цените на металот и воведувањето квоти за извоз на житарки. Затоа асоцијацијата предлага воведувањето ограничувања на извозот на житарки да се одложи, како и да се воведе променлива извозна царина на производите на металуршките компании за да се постигне цените на домашниот пазар да бидат 20% пониски отколку на светските берзи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче