Неверојатно: Граната истрелана од самоотка „Мста-С“ рикошетира од покривот на „Лада“ (ВИДЕО)

Виталиј В. Кузмин

Од видеоматеријалот се гледа полигонско гаѓање од дивизиска советска/руска самоодна хаубица 2С19 со калибар 152 мм. Таа имаше задача, меѓу другото, да погоди и едно, за оваа пригода, специјално донесено моторно возило. Снимателите сакаа да го видат ефектот на експлозијата и размерите на штетата што ќе ја предизвика гранатата тешка речиси 45 килограми. Меѓутоа, нештата на почетокот не се одвиваа онака како што замислија снимателите. За уништување на советската лимузина беше неопходно да се отпакува уште муниција.

Се работи за исклучително моќно оружје што се наоѓа во состав на  руските артилериски единици. Основната верзија на оваа хаубица, која влезе во вооружувањето на советската армија уште пред 30 и кусур години, може со основното орудие (2А64, должина од 47 калибри) да ја погоди својата цел на растојание поголемо од 25 километри (стандарден фрагментарно-разорен проектил). На устата на цевката гранатата тешка 43,4 килограми постигнуваше почетна брзина од 810 м/сек. што не беше доволно да се пробие покривот на познатиот советски автомобил. Видеоматеријалот е објавен на каналот „Борбени Ефективи“ на платформата „Телеграм“.

Историјат на хаубицата „Мста-С“

Развојот на самоодната хаубица 2С19 започна уште во 1976 година за време на СССР. Нејзиниот развој беше предизвикан од појавата на нови хаубици во земјите што го сочинуваа НАТО, кои според своите тактичко-технички карактеристики значително ги надминуваа постојните советски артилериски орудија. Прво се појавија влечните модели на оваа хаубица 2A65 „Мста-Б“, а малку подоцна беше конструиран и самоодниот модел со ознаката 2С19. Во оперативна употреба на советската армија оваа хаубица влезе 1989 година со основна намера да ја замени самоодната хаубица 2С3 „Акација“ со калибар 152 мм, која во голем број се наоѓаше во рамките на артилериските полкови кои беа дел од моторизираните пешадиски и тенковски дивизии.

Првпат оваа хаубица беше прикажана пред пошироката публика уште во 1992 година на воздухопловниот саем одржан во градот Жуковски, а следната година ова хаубица го имаше и своето меѓународно „деби“ на големиот саем на вооружување и воена техника IDEX-93 што се одржува во ОАЕ. На овој саем таа демонстрираше висок степен на борбена способност, соборувајќи на локалниот полигон Макарта 38 поставени мети од растојание од 15 км. Хаубицата имаше и големи извозни перспективни, но „домино-ефектот“ од распадот на големиот СССР доведе до тешка политичка и материјална ситуација во земјата. Тоа предизвика да не дојде до реализација на извозните зделки, што беше искористено од конкуренцијата. Таа брзо ги отстрани недостатоците на своите извозни модели, ги понуди како замена за „Мста“ и успеа да се наметне на светскиот пазар на артилериско вооружување.

Значи, во тек е голема трка со времето, бидејќи технолошкиот напредок на овие системи е доста брз. Руските конкуренти го усовршуваат своето оружје и артилериските системи. Во Русија, врз основа на резултатите од употребата на ова орудие во конфликтите на Северен Кавказ, како и врз основа на искуството од светскиот пазар на оружје, беше забележан недостаток на руски хаубици во однос на својата конкуренција, а која се состоеше од технолошки надминатиот систем за управување со огнот кој имаше ниска ефективност. Во согласност со овие резултати Русите во 1998 година започнаа да работат на усовршување на автоматизиран систем за управување со огнот што ќе биде интегриран во постојните артилериски орудија кои се наоѓаа во оперативна употреба во руската армија.

Модифицираната верзија на самоодната хаубица „Мста-С“, која е опремена со новиот автоматски систем за управување со огнот „Успех-С“, го одби називот 2С19М1. Во 2002 година заврши развојот на софтверот кој имаше функција да го унапреди овој систем, особено во однос на пресметувањето на елементите на огнот и неговата корекција во реално време. Овој софтвер потоа беше интегриран во системот за управување со огнот кај надградените верзии на самоодните хаубици 2С31 „Вена“ и 2С19М1 „Мста-С“. На почетокот на 2008 година, по обемните тестирања, во артилериските единици на руската армија започнаа да пристигнуваат првите модернизирани самоодни хаубици 2С19М1 „Мста-С“ опремени со современ систем за управување со огнот.

Способност за „истовремен огнен налет“

Информациите за понатамошната модернизација на самоодната хаубица „Мста-С“, која ќе ја добие новата ознака 2С19М2, се појавија во декември 2012 година. Програмата за ремонт и модернизација на ова орудие според стандардот М2* ја направи Федералниот научно-производствен центар „Титан-Барикади“ и подразбира зголемување на темпото на стрелба од „новата“ хаубица, како и прецизноста на стрелбата. Значително се подобрени и севкупните експлоатациски способности на орудието. Покрај тоа, самоодната хаубица 2С19М2 е опремена со нов автоматизиран систем за управување со огнот, како и со систем за навигација. Како што рековме, зголемена е брзината на стрелба која сега изнесува до 10 гранати во минута, што е исклучителен резултат (М109А6 има максимална борбена брзина на гаѓање до 4 гранати во минута).

Од особено значење е способноста на ова орудие да дејствува во режимот на тнр. „истовремен огнен налет“. Што подразбира овој режим?  Имено, балистичкиот компјутер во рамките на СУО (системот за управување со огнот) ги пресметува траекториите на проектилите што се испукуваат од орудието под различни агли, така што тие на крајот од траекторијата „се врзуваат во грозд“ и истовремено паѓаат врз целта. На овој начин самоодната хаубица „Mста-С2“ 2С19М2 може истовремено да уништи цел со 6 проектили со калибар од 152,4 мм. Практично една хаубица заменува цела батерија стандардни орудија. Значи, да замислиме дека група од 6 проектили се испукува врз цел оддалечена 15 км. Врз основа на елементите внесени во компјутерот, автоматизираниот систем за управување со огнот ја пресметува следнава хипотетичка равенка: првиот проектил се испукува под агол од околу 70 степени, вториот под агол од 60 степени, третиот - 55, четвртиот - 45, петтиот - 40, шестиот - 35... правејќи временска пауза помеѓу испукањата која е неопходна траекторите на овие проектили практично да се спојат непосредно пред да удрат во целта.

Резултат на целиот овој процес се ужасни ефекти врз крајната дестинација, бидејќи не треба ни да се ни замислат последиците од удар, на пример, на група од 10 од овие хаубици со 60 гранати со калибар 152 мм на простор со површина од 1 хектар.

Уште една важна работа кај оваа хаубица е зголемената способност за „невидливост“ при борбено дејство. Во нејзиниот состав се наоѓа систем за маскирање „Накидка“ (мак. Плашт) кој во голема мера го намалува радарското, оптичкото и термичкото зрачење на оружјето, што е исклучително важно при заштита од непријателско противдејство, односно контрабатирање. Бидејќи благодарение на својата брзина за стрелба во режимот на „истовремен борбен налет“ таа истрелува 5-6 гранати на растојание од, на пример. 15 км, оваа хаубица може многу брзо да ја смени својата позиција и да продолжи да дејствува од друга позиција. И во овој поглед руската самоодна хаубица 2С19М2 е значително поквалитетна од странските пандани, а особено од нејзиниот потенцијален конкурент, американската самоодна хаубица M109A6 „Паладин“. При огнено дејство новиот систем за потпирање што се применува кај оваа хаубица автоматски се блокира и овозможува голема стабилност при гаѓањето со голем број гранати.

Процесот на модернизација на самоодната хаубица „Мста-С“ на стандардот М2, исто така, влијаеше и на зголемувањето на експлоатациските карактеристики на орудието. Дел од автоматизираниот систем за управување со хаубицата е интегриран и на местото на возачот, каде што тој со едноставен поглед врз дисплејот во секој момент може да ги види параметрите на погонскиот и одниот систем на орудието. Самоодната хаубица е опремена и со нови системи за комуникација и навигација, кои ѝ овозможуваат целосна интеграција на полето на современото боиште. Со вакви коренити технички зафати, самоодната хаубица 2С19М2 „Дилема“ достигна високо ниво на оспособеност што е еднакво на најдобрите хаубици во светот. Во однос на целокупните и тактичко-технички карактеристики, најновиот модел што излезе од погонот на „Титан-Барикади“ значително ги надминува способностите на својот потенцијален ривал во артилерискиот дуел - американската самоодна хаубица М109А6 „Паладин“.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња