Актуелно: ОАК планира да го зголеми темпото на сериското производство на Су-57 и Ил-76МД-90А

Скриншот
Еден од главните приоритети на Обединетата корпорација на воздухопловни производители авиони е создавање ефикасни предуслови за реализација на договорот потпишан со руското Министерство за одбрана, а кој подразбира испорака на 76 ловци од петта генерација, како и обезбедување стабилно темпо на нивното производство во согласност со планираната динамика. Слични активности презедоа и компаниите од оваа група специјализирани за производство на воено-транспортни авиони Ил-76МД-90А.

Обединетата корпорација на воздухопловни производители (дел од државната корпорација „Ростех“) ќе ги прошири своите капацитети за производство на повеќенаменскиот ловец од петтата генерација Су-57. Ова им беше пренесено на новинарите во информативната служба на оваа корпорација.

„Првиот сериски повеќенаменски ловец од петтата генерација Су-57 е произведен и предаден на руското Министерство за одбрана врз основа на државниот договор кој подразбира испорака на 76 летала. <...> Во воздухопловната фабрика на Комсомолск-на-Амур („Ј. А. Гагарин“, претставува филијала на компанијата „Сухој“), продолжува да работата за подготовка и комплетирање на линиите за сериско производство. Оваа година планираме зголемување на темпото на производство кога станува збор за летала од овој тип“, се наведува во соопштението што го пренесува веб-порталот ТАСС.

Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација што го имаат развиени воздухопловните инженери на ОКБ „Сухој“. Тој е наменет за извршување огромен спектар задачи што можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување на апсолутна воздушна превласт над територијата на која се изведуваат кривни борбени дејствија, уништување на најразлични копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи противвоздушни борбени средства, операции за извидување и за надзор на воздушниот простор на голема оддалеченост, уништување на командна инфраструктура на непријателот итн.

Според луѓето од ОАК (Обединета корпорација на воздухопловни производители), нивните производствени субјекти ги исполниле своите обврски кога станува збор за делот од државниот одбранбен договор а, временски одреден за 2020 година. „Комплетиравме и испорачавме три сериски тешки воено-транспортни авиони Ил-76МД-90А. Во улјановската воздухопловна компанија „Авиастар-СП“, која е дел од групата компании во рамките на ОАК, специјализирани за производство на воено-транспортни авиони, планирано е забрзување на сериското производство на овие летала од 2021 година“, соопштуваат од ОАК. Од корпорацијата гордо соопштуваат дека денеска еден од новите Ил-76МД-90А го добил името по неговиот креатор, заслужниот авиоконструктор Хенрих Новожилов.

Ил-76МД-90А е длабоко модернизирана верзија на авионот Ил-76. Благодарение на новиот пилотско-навигациски систем, системот за автоматско управување и системот за врска осигурана е поголема безбедност на летањето, како и прецизноста на движењето на авионот и десантирањето. Последната модификација на добро познатиот транспортен авион се карактеризира со нова опрема, вклучувајќи и „стаклена кабина“, модерни мотори ПС-90A-76, модифицирани крила и зајакнати тркала. Врз основа на моделот Ил-76МД-90A се прави авионот-цистерна Ил-78М-90А.

„Еден од нашите најголеми приоритети за 2021 година е освојувањето нова технологија во производствениот сегмент на нашата корпорација, која ќе доведе до стабилна стапка на сериско производство на две потполно нови летала во борбениот и транспортниот сегмент на нашата понуда. Нашиот најголем предизвик е создавање ефикасни предуслови за реализација на договорот потпишан со руското Министерство за одбрана, а кој подразбира испорака на 76 ловци од петтата генерација, како и обезбедување стабилно темпо на нивното производство во согласност со планираната динамика“, напоменува генералниот директор на корпорацијата Јуриј Сљусар.

Според него, Улјановската корпорација исто така тргнала по истиот пат кој ќе овозможи стабилно темпо на производство на тешки воено-транспортни авиони Ил-76МД-90А, но и на перспективните летечки цистерни Ил-78М-90А. Договорот за нивна набавка беше потпишан на крајот на минатата година.

Ловечка авијација

Според податоците на ОАК, во 2020 година беа завршени два големи договори кога станува збор за испорака на повеќенаменски борбени авиони Су-35С од генерацијата 4++ и тактички ловци-бомбардери Су-34 за потребите на руските Воздушно-космички сили . Покрај тоа, претпријатијата во рамките на ОАК успешно ги реализираа програмите за ремонт и модернизација на лесните ловци МиГ-29 и ловците-пресретнувачи МиГ-31. Покрај тоа, единиците на Воздушно-космичките сили добија и школско-борбени авиони Јак-130.

Од корпорацијата истакнуваат дека продолжуваат работите за завршување на проектот за изградба на лесен повеќенаменски ловец од генерацијата 4++ МиГ-35 и дека ова летало се подготвува за извоз.

Во 2020 година беше реализиран и првиот лет на модернизираната варијанта на суперсоничниот стратешки бомбардер Ту-160 со нов блок мотори. „Во наредниот период ОАК ќе фокусира дел од своите капацитети  (КАЗ „С. П. Горбунов“) на важната задача за понатамошно комплетирање на модернизираните стратешки бомбардери Ту-160“,  нагласуваат од корпорацијата.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња