Во Русија за прв пат се завршени државните тестирања на новите електрични торпеда. Резервниот капетан 1 класа Василиј Дандикин напоменува дека овој настан е од исклучително големо значење за руската Воена морнарица и го потврдува своето тврдење неколку пати за време на разговорот со новинарите, пренесува веб-порталот Marsonline.
Корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“ го заврши државното тестирање на првото електрично торпедо што Русија го направи по периодот на СССР, изјави генералниот директор на корпорацијата Борис Обносов во интервју за весникот ВПК. Според него, првите сериски модели на електрични торпеда веќе започнале да влегуваат во вооружувањето на руската воена морнарица. Овој вид торпедо во однос на неговите тактичко-технички перформанси ги надминува можностите не само на моделите произведени за време на СССР, туку и на западните пандани.
„Нашите торпеда значително ги надминуваат западните модели според количината на бучава при движењето, потоа според параметарот на максималната длабочина на примена, како и растојанието на детектирање на целта на системот за самонаведување“, рече Обносов, пренесува веб-порталот РИА „Новости“. Тој во таа пригода не кажа како ќе се означуваат новите торпеда.
Како што рековме, за истата тема зборуваше и резервниот капетан од I класа и воен експерт Василиј Дандикин, кој рече дека се работи за голем настан кога станува збор за руската воена морнарица, но и за руската армија во целина:
„Во одредена мера заостанувавме зад Американците и НАТО во поглед на торпедното вооружување и тоа беше објективен факт. Затоа, појавата на новото торпедо е многу важен момент, поточно еден од клучните моменти за стекнување предност на нашите подморнички сили. Нашето торпедо според брзинските карактеристики, според дострелот и, што е најважно, длабочината на активната примена (и до неколку стотици метри), ги надминува западните модели. Тоа е од технолошки аспект големо поместување. Убеден сум дека нашите поморски борбени формации (опремени како со површински бродови, така и со подморници) желно го исчекуваа усвојувањето на новото торпедо во вооружувањето кое судејќи според сé ќе биде универзално (наменето за употреба од подморници и бродови.) Неговата појава е многу важна од гледна точка на унапредување на противподморничката одбрана, која е особено значајна на местата каде што се наоѓаат нашите стратешки нуклеарни поморски сили. Тоа особено се однесува на Северната флота, Камчатка. Важно е да се истакне дека овој долгоочекуван момент има посебно значење за нашата флота“, категоричен е Василиј Дандикин.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче