Во Сирија забележани тешки оклопни верзии на советскиот тенк Т-72 (ВИДЕО)

Телеграм-страница „Борбени Ефективи“
На интернет се појави видео/фото материјал на кој можат да се видат модернизирани верзии на основниот борбен тенк Т-72 на сириската армија кои се наоѓаат во составот на веќе познатата 4 тенковска дивизија. Покрај овие тенкови, во вооружувањето на оваа елитна единица можат да се видат и други типови советска/руска оклопна борбена техника.

На видео и фото-материјалите што можат да се пронајдат на платформата „Телеграм“ (Канал Борбени Ефективи) може да се види транспорт на тешка оклопна борбена техника од составот на познатата 4 тенковска дивизија на сириската армија. Во прашање се делови на оваа дивизија кои се префрлени во провинцијата Дараја. На транспортните камиони може да се види сириската модификација на основниот борбен тенк од советско/руско производство кој ја носи ознаката Т-72 Adra. Треба да се истакне дека во составот на оваа дивизија покрај тенкови Т-72 Adra се наоѓаат и советски модификации на малку подзастарениот основен борбен тенк Т-55МВ.

Што се однесува до модификацијата на популарната седумдесет двојката (Т-72 Adra), овој тенк е надграден врз основа на борбеното искуство од Сирија. Имено, овој модерен конфликт се карактеризира со масовна употреба на противоклопни ракетни фрлачи и наведувани ракети од разни видови и дострели. На овој начин терористичките сили се обидоа да ја намалат инфериорноста во однос на регуларните сили кога станува збор за способноста на копнените борбени формации (оклопната компонента). Согласно тие искуства кои на почетокот на војната имаа мошне негативно влијание врз сириските оклопно-механизирани единици, се појави цела низа модификации кои пред сé се насочени кон зголемување на оклопната заштита на ангажираните средства.

Конкретно, што се однесува до модернизацијата на советскиот/рускиот тенк Т-72, ​​акцентот беше ставен на зголемување на оклопната заштита на орудието. Тенкот е зајакнат со дополнителен оклоп кој се состои од противкумулативни решетки и дополнителни панели што се заваруваат на корпусот на тенкот, давајќи му карактеристичен изглед на „кафез“.

Треба да се истакне дека Сиријците развија слични пакети модернизација и за средствата за огнена поддршка „Шилка“, како и за борбените возила на пешадијата БМП-1 и БМП-2. Истата техника беше применета и за зајакнување на основните борбени тенкови Т-55 и Т-62, кои исто така се наоѓаат во сириските сили. Вака модернизирани средства може да се видат во единиците на елитната 25 дивизија на сириските специјални единици „Тигри“, како и на 4 тенковска дивизија.

На бројни видеоматеријали објавени од терористичките сили се гледаат неуспешни обиди за уништување на овој тенк (не се вели дека тенкот е неуништлив, но со зголемување на оклопната заштита неговата ликвидација е значително отежната – заб. на авторот).

Како што рековме, оваа дивизија во својот состав има и модернизирани тенкови Т-55МВ. Покрај тоа што располага со респектабилно вооружување, овој тенк покажа и висок степен на борбена цврстина на бојното поле, каде што неретко преживуваше погодоци кои дури и посовремените тенкови не би можеле да ги издржат.

Кон средината и крајот на осмата деценија на минатиот век, во советските оклопни единици имаше илјадници застарени тенкови Т-55. Бидејќи се работеше за тенк кој се покажа како навистина добар за време на неговата експлоатација, советската команда реши да не ги отпишува овие тенкови како старо железо, туку со соодветна модернизација да ги подигне на стандард близу до поновите тенкови Т-72. Задачата за дизајнирање и изработка на соодветен пакет модернизација ја презедоа стручњаци од Омск. Резултатот на нивната работа се фокусираше на две основни точки - огнената моќ и борбената цврстина-оклопот.

Тенковите беа зајакнати со специјално вклопени модули составени од повеќеслоен оклоп, кои ги покрија неговите највитални делови. Покрај тоа, тенкот беше „поплочен“ со кутии динамичка заштита „Контакт-1“, кои не само што го покрија неговиот преден дел, туку и бочните страни на тенкот. Беа направени и странични екрани кои ги штитат гасениците на тенкот, а и топот доби подобра термоизолациска облога. Тенкот го добиот нов систем за испуштање димни бомби „Туча“, како и системот за заштита од напалм „Сода“. Беа интегрирани нови комуникациски уреди составени од радио-станица Р-173 и радио-приемник Р-173-П. Оваа варијанта на модернизација доби и свое име - Т-55МВ.

Притоа беа направени и сериозни интервенции за техничка модернизација на СУО (системот за управување со огнот). Имено, на тенкот беше интегриран најновиот систем за управување со огнот „Волна“, кој се состоеше од ласерски далечиномер КДТ-2 монтиран директно над цевката на тенкот, балистички компјутер БВ-62, телескопски дневен нишански уред ТШСМ-32ПВ и стабилизатор „Циклон“ М1. Покрај тоа, тенкот го прошири своето вооружување откако се стекна со способност за испукување ракети од жлебена тенковска цевка. Станува збор за системот за управување со наведувано оружје 9К116-1 „Бастион“, кој испукуваше ракети 9М117 со калибар 100 мм. Овие ракети се способни да пробијат хомогена оклопна плоча дебела 600 мм на далечина до 6000 метри.

Пакетот модернизација T-55МВ ја зголеми тежината на тенкот на 37,4 тони, па поради тоа беше зголемена и моќноста на тенковскиот мотор В-55У, која изнесува 620 КС. Оваа моќност му обезбедуваше на тенкот да достигне максимална брзина од 50 км/ч. Со полн резервоар тенкот има борбен радиус на движење до 400 км, додека екипажот на тенкот се состои од четири члена. Применетиот стандард го оспособи овој тенк да се бори против основните борбени тенкови кои во тоа време се наоѓаа во вооружувањето на земјите на НАТО како што се „Патон“, АМХ-30 и „Леопард-1“.

Сирија ги набави овие тенкови од Украина (купи околу 200 парчиња Т-55МВ). Зделката беше склучена 1997 година, а тенковите беа модернизирани на овој стандард во Лавов, според проектната шема од Омск. Првично овие тенкови беа распоредени во регионот на Голанската висорамнина, каде за потенцијален противник го имаа израелскиот основен борбен тенк „Меркава“. Меѓутоа, овој тенк го имаше своето прво огнено крштевање петнаесетина години подоцна, во војната на сириската војска и нејзиниот народ против ордата белосветски терористи кои сакаат да ја соборат легитимната влада на Башар ал-Асад. Во текот на неговата борбена употреба, на различни терени ширум Сирија, беше забележано дека овој тенк не отстапува од посовремениот Т-72 во однос на својата оклопна заштита. Неколку пати дури беше и регистрирано дека Т-55МВ има поголема веројатност да преживее удар на противтенковска кумулативна ракета/граната отколку тенковите Т-72, ​​кои исто така се наоѓаат во вооружувањето на сириската армија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња